Кампањата замолкна – одбројувањето започна

Првичните, неофицијални резултати од гласањето на референдумот, на кој граѓаните треба да се изјаснат ‘за’ или ‘против’ прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“, би требало да бидат познати в недела вечерта. По полноќ би требало да заврши неизвесноста и да се знае како граѓаните одговориле на прашањето.

Процесот на гласање и соопштувањето на резултатите ќе се спроведува според Законот за референдум и правилата се речиси исти како на денот на избори. Гласачките места се отвораат во 7 часот наутро, а се затвораат во 19 часот вечерта.

Референдумот го спроведува Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии и избирачките одбори.
ДИК веќе ги закажа прес-конференциите за в недела на кои ќе информира за излезеноста и за текот на гласањето. Првата прес-конференција е закажана за во 9.30 часот кога ќе бидат соопштени првите информации за отворањето на гласачките места, за излезеноста до 9 часот и за текот на гласањето. По првата прес-конференција, до 19 часот, ќе се одржат уште четири прес-конференции, а по 19 часот ќе се следат првичните резултати добиени по електронски пат во живо.

Право на глас имаат 1.806.336 гласачи, кои се запишани во Избирачки список, а референдумот ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата.

Избирачкиот одбор по завршувањето на гласањето веднаш ги сумира резултатите од гласањето на гласачкото место и составува записник кој заедно со целиот гласачки материјал во рок од три часа го доставува до општинската изборна комисија која го сумира резултатот од гласањето на избирачките места од своето подрачје.

Записникот и целокупниот гласачки материјал општинската изборна комисија во рок од 12 часа од приемот од избирачките одбори го доставува до Државната изборна комисија.

ДИК, пак, по приемот на записниците и целокупниот гласачки материјал од општинските изборни комисии во рок од 24 часа го утврдува и го објавува резултатот од гласањето на референдум на државно ниво. Потоа изготвува извештај за вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, вкупниот број граѓани што гласале, вкупниот број неупотребени гласачки ливчиња, бројот на неважечки и важечки гласачки ливчиња, бројката на граѓани што гласале „за“, оние што гласале „против“ и, конечно, резултатите од референдумот.

Резултатот од гласањето на референдумот ДИК го објавува во „Службен весник“ во рок од 15 дена од одржувањето на референдумот.
Вчера наутро печатницата „Киро Дандаро“ од Битола почна со дистрибуција на гласачкиот материјал за референдумот. Во текот на вчерашниот ден гласачкиот материјал беше дистрибуиран со возила на „Македонски пошти“ и екипи од ДИК, до општинските изборни комисии.

„Листовите се испечатени со висок квалитет и со 20 заштити, без никаква можност за копирање. Севкупниот материјал, паравани, избирачки списоци и записниците се испечатени со високи стандарди“, вели Драги Милошевски, директор на АД печатница „Киро Дандаро“ – Битола.

Референдумското прашање први го одговорија членовите на избирачките одбори кои треба да отпатуваат кај нашинците во странство. Право на глас имаат 104 членови и заменици членови кои треба в сабота да го набљудуваат референдумот во 33 дипломатски канцеларии каде што за гласање се пријавиле 2.695 македонски државјани во 33 дипломатско конзуларни претставништва.

Ќе се гласа во Берн, Венеција, Љубљана, Виена, Торонто, Лондон, Бон, Хаг, Берлин, Мелбурн, Канбера, Брисел, Стокхолм, Париз, Рим, Копенхаген, Вашингтон, Детроит, Прага, Абу Даби, Белград, Подгорица, Анкара, Атина, Букурешт, Истанбул и Будимпешта.

Најмногу пријавени за гласање има во Берн, Венеција, Љубљана и во Виена и Торонто. Најмалку, само 10, се пријавени за гласање во Будимпешта, 13 во Истанбул, 14 во Букурешт и 15 во Атина.

Македонските државјани во дијаспората ќе гласаат в сабота заедно со болните и немоќните лица, за затворениците и за лицата во домашен притвор.
Јавната пропаганда за референдумот што ќе се одржи во недела завршува вечерва на полноќ. Дотогаш треба да завршат сите активности на учесниците во кампањата.

Вкупно 83 странски новинари ќе го следат референдумот
Вкупно 83 странски новинари се акредитирале за да известуваат за референдумот в недела. Од акредитираните странски медиуми, најмногу акредитирала „Ал Џезаира Балкан“ – 15 новинари, потоа „Асошиетед прес“ – 11, ТВ „Алфа“ од Грција со тројца новинари, австрискиот јавен сервис четворица, ТВ „Антена“, исто така, тројца, а останатите медиуми имаат акредитирано по еден или по двајца новинари. Ќе има новинари од Русија, Албанија Хрватска, Германија, Луксембург, Словачка, Белгија, Бугарија…

Референдумот ќе го набљудуваат околу 12.000 домашни и 500 странски набљудувачи. Од домашните организации најмногу набљудувачи има акредитирано „Здружението за граѓански политики и иницијативи“, здружение кое се појавува првпат, а процесот ќе го следи со вкупно 5.574 набљудувачи. Потоа следуваат Сојуз на здруженија на граѓани „Македонска платформа против сиромаштија, МОСТ, „Цивил“, односно вкупно десет невладини организации. Најмногу меѓународни набљудувачи има акредитирано Мисијата за набљудување на избори ОБСЕ/ОДИХР, потоа американската амбасада во Македонија, Амбасадата на Франција, Косово, Турција, Унгарија, Велика Британија и Северна Ирска, Украина и Германија. Партиски набљудувачи на гласачките места ќе нема.

Фросина Факова – Серафиновиќ