Каменос: Не сум министер во заминување


Ниту сум министер во заминување, ниту сум пред оставка, изјави денеска министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос, кој е и лидер на партијата Независни Грци, помал коалицискин партнер во грчката Влада на премиерот Алексис Ципрас.

Ваквата изјава Каменос ја даде за време на состанокот на Комисијата за одбрана во грчкиот Парламент.

Инаку, за денеска е закажан состанок на пратеничката група на Незавсини Грци, па останува енигма каква позиција ќе заземе партијата во однос на нејзиното заминување или останување во грчката коалициска Влада, исто како што останува непознато дали и кога ќе се сретнат Ципрас и Каменос.

Иако грчкиот премиер во интервју за телевизијата Open во средата вечерта изјави дека денеска ќе се сретне со неговиот коалициски партнер Каменос за да разговараат за иднината на нивната соработка, сепак официјално не постои информација кога би се одржала средбата.

Во новинарските кругови во Грција, се споменува дека тие би можеле да се сретнат попладнево, по завршувањето на состанокот на пратеничката група на Независни Грци, но исто така се споменува сценариоото дека средбата може да се одложи се додека не постои конкретна развска во македонското Собрание околу усвојувањето на уставните амандмани.

Каменос и неговата партија се противат на Договорот од Преспа и во повеќе наврати најавуваа напуштање на Владата, доколку документот биде прифатен од грчкиот Парламент.