Како ќе се реорганизира здравствениот систем: Од каде лекари за новите вработувања?

Нема доволно доктори, особено специјалисти за најавениот бран нови вработувања во здравството, предупредуваат лекари од внатрешноста кои и сега имаат проблеми поради недостиг на кадар. Додека министерот за здравство Венко Филипче најавува нови огласи од септември, тие се прашуваат како ќе се најде добар кадар со оглед на тоа дека доктори и сестри масовно заминуваат во странство, а специјализации не се одобрувани со години наназад.

– За обични операции ги праќаат луѓето во Скопје. Дури и поголемите болници, како што е штипската. Наместо интервенциите да ги прават кај нив, пациентите ги препраќаат кај нас. Тие немаат кадар, а ние сме преоптоварени оти и прегледуваме и оперираме пациенти од цела Македонија, и ги следиме тие што лежат на одделение – вели уролог од поранешна Воена болница во Скопје.

За половина година во здравството се вработени 1.200 лица. Потребни се уште неколкупати по толку. Освен уролози, и во скопските клиники и во помалите градови недостигаат педијатри, гинеколози, ортопеди, кардиолози… И добар дел од тие што веќе се тука бараат начин да заминат. Бројот на лекари што заминуваат да работат во странство драстично започна да се зголемува од 2011 година и незапирливо расте. Според официјалните податоци од Лекарската комора, само во првите четири месеци од годинава државата ја напуштиле 110 лекари. Во последните седум години, вклучително и првото тримесечје од годинава, од државава си отишле 1.207 лекари. Од друга страна, во септември Министерството за здравство ќе распише огласи за нови вработувања. Најмногу се потребни во Здравствен дом – Скопје, сто вработувања побарала штипската клиничка болница, пред три дена беа најавени 80 вработувања во Клиничка болница – Битола…

Од Лекарската комора испратиле свој предлог до Министерството за здравство за тоа како медицинскиот кадар да се задржи тука. За да се спречи одливот на лекари, Комората побара Министерството за здравство веднаш да им понуди работа на специјализантите во нивното место на живеење. Одговор уште нема.

– Имаме три медицински факултети и лично сметам дека има хиперпродукција на кадар. Проблемот не е само што лекарите заминуваат, туку и каков е квалитетот на тие што остануваат овде. Па, бидејќи сите сме потенцијални пациенти, сите си го поставуваме прашањето, кој ќе не лекува? Сметам дека треба да се направи децентрализација во здравството. За да се случи тоа, претходно треба младите лекари да се вработат, откако прво државата ќе ги стимулира. Веројатно секој би сакал да остане таму каде што живее со семејството, каде што има стан и помали трошоци за живот, но треба да му дадете професионален предизвик – вели д-р Алберт Леши, член на извршниот одбор на Комората.

Од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ) сметаат дека ни тоа нема да го реши проблемот.

– Веќе е доцна за обиди за пополнување на дефицитот на кадар по провинција. Катастрофата е неизбежна со оглед на фактот дека државава не поседува ниту готови специјалисти во доволен број ниту, пак, лекари со едукација во тек, а моменталните мерки се далеку од потребната сериозност. Единствен потег за амортизација за нас е сериозно и стручно доекипирање и формирање на регионални центри кои би ја преземале улогата на тампон-зона меѓу периферијата на Македонија и терцијарно здравство т. е Клиничкиот центар. Во меѓувреме, во отсуство на конкретна стратегија и план за млади лекари, продолжува практиката на партиски вработувања, но најмногу загрижува безидејноста по однос на иднината – изјави д-р Ненад Лазаров од АСМЛ.

Филипче најави дека проблемот ќе се решава со регионализација на здравствениот систем на територија на целата држава.

– Доколку недостига кадар од одредена струка во една болница, тој ќе се надополни со лекари кои ќе доаѓаат таму и ќе работат во друга болница. На тој начин ја стимулираме и дополнителната работа за докторите, со што дополнително се зголемува нивниот приход. Но не можеме да имаме центри, кои ги имаат сите сервиси во секој град. Тоа е невозможно ниту е европска практика. На тој начин планираме да ја надополниме оваа празнина – кажа Филипче.

С.С.З.

Д-р Ненад Лазаров: Драстични мерки за катастрофата

Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари апелира државата да преземе радикални и драстични мерки со цел амортизирање на катастрофата која претстои, а чии ефекти особено ќе бидат евидентни 2020 и 2023 година кога според нивните анализи, речиси 60 отсто од во моментов активните специјалисти ќе се пензионираат.

– Проблемот е особено изразен во неколку специјалности како гинекологија, офталмологија, ендокринологија, урологија, ортопедија итн. каде што и во овој момент имаме катастрофален дефицит. Ништо помалку катастрофална не е  состојбата со матични општи лекари, со просечна старост од 57 години и многу лоша дисперзија – вели д-р Ненад Лазаров од оваа Асоцијација.

Според него, предлогот за враќање на младите специјалисти во средината каде што живеат е несериозен и не се темели на сериозна анализа.

– Чекаме прием кај раководството повеќе од една година, па оттука и прашањето со кое право и врз база на кои податоци се донесуваат заклучоци или предлог-решенија? Враќање на специјализанти во место на живеење е противуставна теза. Освен хонорарите за приватните специјализанти, регулирани без законско решение, остануваат нерешени сите останати проблеми за кои апелираме од 2013 година. Немање социјални придонеси, огромни суми за приватна специјализација, неплатени 24-часовни дежурства, никаков континуитет во распишување специјализации, несоодветен трансфер на знаења, лихварски договори за вработени во ЈЗУ и многу други. Тогаш беше 5 до 12, сега е веќе 12 и 5 – вели д-р Лазаров.