Како умира правдата
Звонко Давидовиќ
Седам во кафулето до судската барокна палата и чекам пресуда за крвавиот четврток. Решив додека чекам да ја почнам колумната која треба да излезе за три дена, во понеделник. Ја гледам барокната палата произлезена од болниот ум на едно болно време, палата која нема никаков корен во нашата историја и колективна свест. Додека седам и ја чекам одлука за предметот кој предизвика многу бранувања во јавноста, истото чувство кое го имам за барокната палата го имам и за пресудата која ќе ја наречам „Темис пресуда“. Ќе ја наречам по грчката божица на правдата Темис, затоа што овој предмет служеше за политичко поткусурување и пазарење со правдата за решавање на спорот за името со Грција.
Каква и да биде, нема да биде ниту праведна ниту правична, туку ќе биде политички избербатена и жигосана. Поради селективната амнестија политички мотивирана и дадена по потреба, на луѓе кои ги отворија вратите на Собранието, ја прават пресудата срамна и правно неиздржана и необјективна. Со овој предмет многу транспарентно и безобразно се покажа политичката моќ и супремација на политиката над судството, а судството без негова вина го внесе во една нова димензија и му даде ново име „Темис судство“. Овој предмет и политичките ујдурми кои влијаеја врз него ја покажаа политичката моќ, судската немоќ и начинот на кој политичките проблеми се решаваат со правни вратоломии и лакрдии со кои правото станува неправо.
Зошто власта продолжува со истиот начин на постапување од времето на барокната судска палата и ја убива и Темис по егзекуцијата на Јустиција. Зошто се боревме и извикувавме „нема правда, нема мир“, кога ниту дојде правдата ниту реформите по промената на власта.
Со месеци, до доцни часови во ноќта, траеја изведувањата на доказите и на обвинителството и на одбраната, со денови се гледаа снимки и јавноста беше запозната со секој доказ во постапката. Она што можеше да се види на снимките јасно покажуваше кој кому и на каков начин ја отворил вратата и кој ја пуштил толпата во Собрание. Тоа беа пратениците кои до вчера беа седнати на обвинителната клупа, а денес се седнати повторно во собраниските фотелји како пратеници. Власта имаше потреба од гласови токму на овие пратеници, а пратениците имаа потреба од милост и амнезија за стореното кривично дело. Милост добија преку амнезија за правдата со амнестија. Политичката потреба и политикантската математика, од една страна, и безрбетништво од друга страна, го изродија законот за амнестија. Тој закон, селективен по потреба, неправичен до болка, правна вратоломија пар екселанс, им заврши работа и на едните и на другите, кому гласови кому слобода. Но ни политичарите а ни пратениците немаа храброст и доблест да ја дадат оваа квази амнестија, туку жешкиот костен повторно му го префрлија на судството и обвинителството кое го задолжија да ја даде ваквата амнестија. И бидна амнестијата и од амнестираните повторно бидна пратеници, ама од правдата не бидна ништо.
***
Влегувам во судница да ја слушнам објавата на „Темис пресудата“. Внатре половината неамнестирани чекаат да чујат колку години затвор нема да добијат амнестираните. Судијата почнува да ја чита пресудата цитирајќи ги Платон и други грчки мудреци, ама никако да го цитира и спомне законот. Објаснува што е парламент и од кога постои, историјатот на парламентот и зборот од каде потекнува. Си помислувам како ќе паднеше судијата на испит по уставно право кај Шкариќ. Каков парламент, ние имаме Собрание. Некои земји имаат парламент и таму се дебатира и зборува и потекнува од зборот parlare. Ама кај нас не е парламент туку е собрание од македонскиот збор собрани, токму како што и се собрани од ваму и оттаму од политичките партии и ставени на гласачки листи. А кога ќе седнат служат само како гласачка машинерија на извршната власт. Едните собрани куртулија од затвор за сторениот криминал затоа што другите собрани не беа доволно по број, па и тие криминалот го покрија со криминал помагајќи им да ги одбегнат последиците од стореното.
Чита ли чита судијата делови од „Темис пресудата“, а зад неа Јустиција лежи мртва, прободена со античко копје кое го држи лавот, а Темис до неа издишува и животот полека од неа истекува, ранета и исечена од црвената ружа која сè уште ја држи в рака. Не го слуша судијата офкањето на Темис, а Јустиција не ја ни гледа, продолжува со образлагањето. Вели дека полицајците во униформите кои биле во Собрание се гушкале со демонстрантите, им делеле вода, седеле на фотелјите и ништо не преземале и покрај тоа што согласно законот морале и биле должни. Се обѕрнувам лево-десно и нема таков меѓу обвинетите. Чита судијата дека ни СВР-Скопје не презел ништо. Погледнувам, нема ни таков обвинет. Од УБК – нема, од партискиот врв – нема, од пратениците – нема, од ниту една институција нема ниту еден обвинет. Аууу – си помислувам, па ова ќосињава, сите осум овде што седат во судницата, испланирале, организирале и спровеле напад на уставниот поредок и безбедноста. Што ти значи добра организација и способност. Во мигот кога почна да ги чита казните Темис почина и падна преку Јустиција. За клоца на Зијадин Села 15 години, а во другиот предмет во кој обвинетите одговараа за убиство добија од 11 до 14 години, но мора многу силна нога да има овој, си помислувам. За оној што го спаси Зијадин Села и за кого Села го даде својот личен имот како гаранција за да излезе од притвор , седум години. Директорот на БЈБ во МВР, за кого судијата чита дека единствен ја има командата, 18 години, затоа што не издавал команди, ама другите четворица од МВР кои немаат право да издадат команди и не ја добиле командата од директорот по 15 години. Најверојатно требале да го молат директорот да ја издаде командата. Среќа што не беше обвинет министерот, кој знае колку ќе добиеше, ама тој е политичка личност, како што самиот изјави на сведочењето, а ние политичари и пратеници не судиме, нели.