Како се уриваше угледот на просветниот работник


Томислав Гиевски

Постарите наставници и родителите на денешните ученици со носталгија се сеќаваат на времето кога ликот на наставникот беше лик на почитуван и угледен граѓанин. Кога и како се изгуби тој углед? Дали самите просветни работници се виновни за тоа? Ако се, во што се состои нивната вина?
Угледот на просветните работници беше нагризуван полека, постепено, исто како кога ‘рѓа нагризува метал, сѐ додека не го руинира потполно.Процесот на корозија почна со промената на општествениот систем. Општеството сфаќаше дека образованието креирано да профилира граѓани за еден општествен систем, мора да се промени за да одговори на неговите барања, но немаше јасна стратегија како да се направи тоа. Почнаа бројни импровизации, стихијни, селективни, парцијални, нецелосни интервенции во образовниот систем, во наставните програми, во протоколите за работа … И, најмногу, во начинот на кој се подготвуваа наставниците за имплементација на бројните реформи кроени само на хартија, без или со тенка подлога во реални истражувања и мерења.
Поточно, наставниците речиси воопшто не беа подготвувани. Пред нив само се истураа таквите реформи, и со површни или никакви обуки – се очекуваше да ги реализираат. На наставничките факултети иста слика -многу теорија без конкретна, практична обука, па макар и во вид на симулации на наставен час. Реформираните програми се менуваа со динамика со каква што, за жал, се менуваат министри на чело на МОН. Голем дел од тие програми остануваа непокриени со учебници и други наставни помагала.
Просветните работници мораа импровизираат , за да можат да ги реализираат часовите. Сето тоа звучеше и изгледаше како раштиман оркестар.
Состојбата продолжи да ескалира со неконтролираната и некритична продукција на кадри, со политизацијата на образованието така што партиските книшки, а не уверенијата за положени испити и дипломите станаа клучна препорака за вработување. Врв беше пренасочувањето на гневот поради очигледните, документирано слаби резултати на учениците (ПИСА) од креаторите на наставните програми кон нивните реализатори (екстерно тестирање, на пр.). Сето ова чекор по чекор го доведе угледот на наставниците до работ на бездната.
Овие состојби немаше да ескалираат до тоа ниво доколку постоеше функционален социјален дијалог меѓу државата и просветните работници. За жал, место дијалог, на образованието му се случи предавство од страна на сервилните синдикални водачи. Колективните договори многу пластично го илустрираат моментот. Според нив на просветните работници им се одземаат место да бидат унапредени дури и правата дефинирани со Законот за работни односи. Една од најголемите деградации на права на просветните работници настана со промената на Колективните договори за образование, со која се одзедоа многу од веќе стекнатите права, а на сметка на тоа се смени членот 3 во кој, при дефинирањето на поимот работник се додава и членувањето во синдикат! Според таа одредба, ако не си член на синдикат – немаш право на статус работник!

Ваквата поставеност ја зацврсти позицијата на синдикатот врз грбот на просветните работници, при што уставното право за слободен избор на синдикално здружување беше заменет со должност да се плати членарина. Стекнатото право на монопол во одлучувањето за работничките права имаше висока цена, а тоа беше исплатено со премолчување на повеќегодишното присилување на просветните работници да бидат маса за партиски активности. Беше премолчана и групната промена на наставниот кадар како резултат на партискиот реваншизам по локалните избори. Цехот беше висок, но истиот беше исплатен со прегазување на достоинството. Натаму, Колективниот договор во образованието, како подзаконски акт со кој се регулираат работничките права и висината на платата, не е обновен 9 години. Тој е единствен Колективен договор кој не е обновен толку долг временски период, а воедно е единствен во кој при дефиницијата на работник се вметнува и членувањето во синдикат.
Ако се споредат погоре наведениве извадоци од Колективните договори склучени со други синдикати во републиката, станува јасно дека при склучувањето на Колективниот договор за образование било стапнато врз достоинството и правата на просветните работници. Како последица на тоа се соочувавме со стагнација на растот на почетната плата на просветните работници. Сведоци сме дека на глобално ниво имаме раст на републичкиот просек на плата, зголемување на платите во јавниот и приватниот сектор, но, овој тренд не важеше за секторот образование. Оттука се дојде до невидено апсурдна ситуација: на просветен работник на пример вработен во образование пред 10 години да му биде исплаќана евидентно пониска плата од пензијата што се исплаќа на просветниот работник кој го испразнил, со заминување во пензија, истото работно место.
Независниот синдикат за образование и наука, што е создаден и раководен од просветни работници, активно вложува труд што повеќе наши колеги да се запознаат со начините за надминување на ваквата состојба и да се приклучат кон организацијата што е на пат да го врати достоинството на вработените во образованието, да воведе достоинствено вреднување на трудот и да го оттргне образованието од канџите на политичките партии. Денот кога НСОН ќе брои доволно членови за репрезентативност, ќе биде ден во кој лошата повеќегодишна пракса ќе замине во заборав и ден во кој ќе се преземат решителни чекори такво доба никојпат повеќе да не се повтори.

(Авторот е претседател на Независен синдикат за образование и наука)