Како да се заштитите од убоди: Мали инсекти, големи компликации

Алергија од убод на инсекти е една од најчестите летни алергии. Реакцијата може да биде блага и да предизвика само црвенило и болно отекување на местото на убодот, но може да биде и многу сериозна и да предизвика задушување.

Повеќето луѓе имаат само локална реакција. Ако црвенилото е силно изразено, со оток и чешање кое не може да се контролира, се смета дека лицето има потешка реакција. Сериозната реакција подразбира и засипнатост, отекување на устата и на јазикот, тешко дишење, забрзан пулс, па дури и несвестица.

Кај пациентите кои веќе имале реакција на убод од инсект, дијагнозата може да се постави преку крв или со детектирање на специфични антитела.

Симптомите се токсични

Симптомите како црвенило, оток, болка и чешање се од токсична природа. Но како алергиска реакција се смета убодот кој почнал со црвенило, болка и чешање, но потоа отокот се зголемува на 10 сантиметри во пречник и може да трае и 24 часа.

Меѓу првите манифестации на алергиска реакција на убод од инсекти се црвени печати на телото, кои предизвикуваат чешање. Подоцна симптомите можат да се влошат: оток, мачнина, повраќање, дијареја, отежнато дишење, пречки при голтање, опструкција во градите. Последна фаза и најтежок облик на реакција е пад на притисокот, губење на свест и појава на модра кожа.

Од убод до тешка реакција може да помине најмногу 15 минути, и поради тоа одреден број од тешките реакции можат да завршат со смртен исход.

Благо црвенило, болка и оток се вообичаени реакции. Понекогаш отокот трае неколку дена и тоа спаѓа во благо зголемена алергиска реакција. Но, ако забележите отекување на јазикот, мачнина или зуење во уште, потребно е веднаш да појдете на лекар, за да се спречат посериозните реакции – повраќање, пад на притисокот и губење на свеста.

Ретко се случува по првиот убод од инсект да настапи тешка алергиска реакција. Ризикот од сериозни компликации е поголем кај луѓето кои почесто имале убоди од инсекти.

Што да се преземе

Чешањето е болката треба веднаш да се ублажат со ладни облоги или со мраз. Потребно е местото детално да се прегледа и да се извади осилото. Тоа ќе ја ублажи алергиската реакција. Немојте да го чешате или да го гребете местото на убодот. Кај убодот од пчела, првата помош се состои во тоа осилото да се извади со тапата страна на нож или со нокт. Никако не фаќајте го со пинцета бидејќи така остатокот од отровот ќе се вбризга во кожата. Местото на убод да се испере со сапун и со вода. Потоа на него да се стави ладна облога од малку јаболков оцет и две капки етерично масло од лаванда. Чешањето може да се ублажи со сода бикарбона размешана со вода, а отровот да се смири со ситно исечкан црн лук. Доколку се јават исип и црвенило по цело тело, проследени со вртоглавица, мачнина и главоболка, потребна е итна лекарска помош. Алергиските реакции на отрови од инсекти често имаат и подоцнежна, одложена реакција која може да се манифестира 8-12 часа после убодот.

Најопасни места

Главата, усните и вратот се места кои се сметаат за најопасни кога станува збор за убод од инсекти, затоа што каснувањето таму може да предизвика задушување.

Отровот од пчела и бумбар е најотровен во пролет. Тие напаѓаат кога се вознемирени. Осите и стршенот имаат посилен отров и најмногу касаат кон крај на лето и почеток на есента. Отровот од мравки е најсилен во рано лето.

Инсектите „се лепат“ на овошје, слатки, сладолед, слатки пијалаци, облека со силни бои, силни мириси од сапун, лосион, крем или парфем.

За превенција се препорачува да се употребуваат производи кои се нанесуваат локално на кожата и ги одбиваат инсектите. Треба да се избегнуваат места на кои има отворени сокови, овошје и блага храна, бегајте од канти за ѓубре. Немојте да одите боси и носете светла гардероба, со долги ракави. Најмногу треба да внимаваат оние кои веќе имале убод, особено доколку тој предизвикал и алергиска реакција. Тие треба да си носат и сет за заштита кој содржи адреналин, антихистаминик и кортикостероид. Најефикасна заштита е инјекција која штити од алергија на убод од инсект и која обично се дава на Клиника за алергологија и имунологија.

Алергијата на убод од инсекти не може трајно да се излечи. Лековите можат да ги ублажат симптомите и да ги смират реакциите.

 

Убод од пчели

Убодот од пчели предизвикува реакција кај сите луѓе, па затоа е добро да се знае разликата меѓу обична реакција и алергија. Пчелата во кожата вбризгува отров – алерген, па погоденото место станува црвено и отечено. Кај алергијата има и други симптоми – чешање, отекување, отежнато дишење.

Убод од оси

Алергиските реакции од оса можат да се јават и после првиот убод, иако почести се после неколку последователни убоди. Иако убодот од стршен се смета за појак, не мора да значи дека е и поопасен. За чувствителните луѓе и убод од оса може да биде фатален.

Убод од комарци кај деца

Децата се посебно осетливи на убоди од комарци, па кај нив често се јавуваат изразени отоци и црвенила. Тоа се токсични реакции. Особено лесно се прават отоци на очни капаци и на места каде што се граничат кожата и слузокожата. Поради интензивно чешање, кај децата се прават рани што лесно можат да се инфицираат. Ако има повеќе убоди и ако е отокот поголем, се дава сируп против алергија. Обично, неколкудневна терапија е доволна за детето да заздрави. Мала е веројатноста дека детето би имало  бурна реакција која се препознава по забрзано дишење и малаксаност.

Совети за алергични

– Осилото веднаш извадете го од местото на убод

– Ставете ладни облоги

– Прозорците заштитете ги со мрежа

– Избегнувајте силни мириси

– Избегнувајте слатко овошје (лубеници, пракси) на отворен простор

– Не одете боси по трева, пчелите често се кријат во детелина

– Кантите со ѓубре држете ги затворени