Прилеп најеколошка општина, следуваат Кавадарци, Карпош и Центар

Општината Прилеп ќе добие модерно еколошко детско игралиште, откако на конкурсот на компанијата „Пакомак“ го освои првото место за најеколошка општина. Второто место ѝ припадна на Општина Кавадарци, а третото место го делат две скопски општини, Карпош и Центар.
„Првиот човек на општината е најважен за спроведување на екологијата во општината. На пример, општина Кавадарци до пред две години не сакаше да соработува со нас, а сега стигна да биде наградувана“, рече генералниот менаџер на  „Пакомак“ Филип Иванов, на доделувањето на плакетите на најеколошките општини.
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, рече дека работат на многу еколошки мерки, а за тоа ќе придонесе и почетокот на изградба на секундарната гасоводна мрежа.
„Во следниот месец и половина во Прилеп ќе пристигнат и четири автобуси на метан, кои ќе се користат за јавен градски превоз, а ќе помогнат во намалување на штетните издувни гасови“, рече Јованоски.
Прилеп, како еден од поголемите градови, немаше мерна станица за загадувањето на воздухот, а Универзитетот во Штип донираше една на градот. Јованоски инсистирал таа да биде поставена во декември затоа што во Прилеп греењето е на дрва или јаглен, па сакал да види колку тоа придонесува за загадувањето. Најавува дека во текот на овој месец мерната станица ќе биде баждарена и податоците ќе може да се сметаат за релевантни.
„Прилеп селектира 80 отсто од сметот, а во постапка сме и за купување нова машина за пресување на пластика“, рече Јовановски, кој е благодарен особено на училиштата кои, според него, имаат одлични програми за едукација на учениците за екологијата.
Тој најави дека во четврток, на првиот ден на пролетта, ќе се спроведат повеќе акции во соработка со училиштата, јавната администрација и Општината, за чистење депонии, дворови, но и за засадување нови садници.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, рече дека во соработка со „Пакомак“ многу придонеле за подигнување на еколошката свест кај граѓаните на општината, преку селектирање на ѓубрето со што се придонесува и за поздрава животна средина.
„Наскоро започнуваме со изведба на новиот парк по должина на Кејот на реката Вардар (од вештачката карпа до бунарите на реката Лепенец). Во 2018 година  засадени се и 300 дрвја, веќе израснати, постојано се обновува зеленилото, а за годинава се планирани уште толку нови дрвја. Општината придонесува и за намалување на загадувањето со воведување субвенции за велосипеди, како алтернативен начин на превоз што не загадува. Постојано се поставуваат нови хидраулични контејнери за селектирање отпад, од кои не смрди“, вели Богоев.
Тој додаде дека за службата задолжена за одржување на хигиената во општината купени се нови возила за отстранување на отпадот, вработени се 30 отсто повеќе луѓе, а одредени се и нови термини за чистење, па се работи и за викенди.
Од „Пакомак“ велат дека во Центар и Карпош најмногу се селектира стакло, што се должи на фактот дека повеќето угостителски објекти во Скопје се наоѓаат во овие општини. Според нив, од 1.200 тони собрано стакло  лани, 400-500 тони се собрани во Карпош и Центар, а потоа следува Прилеп.
Впечаток на Иванов е дека урбаните општини полесно се справуваат со отпадот отколку селските, каде нема канти за смет, а не пак да се бара селекција.
Управувањето со отпад не е бесплатно, ниту евтино, рече тој, па така сметките за собирање смет од 100 – 200 денари не се многу, за некој секојдневно да го отстранува ѓубрето од кантите.
На регионално ниво, Грција, Бугарија, за таа намена се одвојуваат по 5 евра по глава на жител годишно, додека кај нас таа сума е од 0,5 до 1 евро. Германија, која ја спомнуваме како земја „во која кога нашинците ќе појдат се однесуваат како поголеми Германци од Германците“, па ревносно селектираат отпад, одвојува по 10 евра по глава на жител годишно.