Кабинет на Анѓушев: Стечајната постапка во Фени индустри се води во согласност со Законот за стечај

Стечајната постапка во Фени индустри се води во согласност со Законот за стечај, со соодветни органи на управување за зачувување на стечајната маса, со крајна цел заштита на интересите на доверителите, информираат од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.

– Владата во рамките на своите активности будно ја следи состојбата на стечајната постапка заради заштита на јавниот интерес, од причина што Фени индустри е клучен индустриски капацитет, кадешто работат над 700 работници. Особено важно е да истакнеме дека овој комбинат го детерминира економското живеење во кавадаречкиот регион, важен е за локалниот економски развој, а исто така и за економијата на Република Македонија, се вели во соопштениото од Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Претседателката на Транспаренси Интернешнал – Македонија Слаѓана Тасева денеска на прес-конфереција информира дека Организацијата, откако добила веродостојни информации за постоење на неправилности во стечајната постапка на Фени индустри АД Кавадарци, одлучила да поднесе кривична пријава против стечајниот управник Мирослав Анастасиевски и стечајната судијка Валентина Ѓоргиевска за дело злоупотреба на службената положба и овластување. Посочи дека очекува вицепремиерот Анѓушев да се изјасни за наводите во пријавата.