И првиот човек на струмичката полиција во трка за наследник на Велковски

Првиот човек на скопската полиција Тони Јакимовски е најспоменуваното име за наследник на сменетиот Лазо Велковски во Бирото за јавна безбедност. Иако неговото именување се чини како завршена работа, бидејќи за него зелено светло дале и колегите во Министерството за внатрешни работи, како и претставници на меѓународната заедница, информациите до кои дојде „Независен весник“, укажуваат дека тоа тешко ќе се случи. Во игра влегуваат нови имиња, меѓу кои и началникот на струмичката полиција, Танчо Пројковски.
Договарањето за нов прв полицаец не оди толку мазно, тврдат нашите соговорници. Амбиции да дојде до оваа позиција имал Миле Зечевиќ, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Како член на СДСМ, тој ја почна политичката кариера во 2001 година и тоа како шеф на кабинетот на министерот за одбрана Владо Бучковски. Во 2003 година беше именуван за генерален секретар на Владата, а главен на тајната полиција стана во 2006 година. Но, според неофицијални информации, неговиот избор не бил прифатлив за странските претставници, пред сè поради неговата истакната партиска улога, што им се земаше како зло и на неговите претходници. Поради несогласувањата, на седницата во вторникот единствено беше изгласана смената на Велковски, нов директор не беше назначен, а привремено на фотелјата седна досегашниот заменик, Бесир Деари. Функционери од МВР велат дека нема шанси Деари да остане на местото, од причина што ниту некој ќе му понуди ниту, пак, тој имал амбиции да раководи со целиот полициски систем.
„Јакимовски е искусен професионалец, кој одлично го организираше Секторот за внатрешни работи во Скопје. Ја има довербата од речиси целото Министерство. Покрај тоа, голема предност му е тоа што не е експониран во политиката, за него не постои партија, туку само работа. Неговото евентуално поставување ќе ги запре коментарите што доаѓаат од страна на опозицијата дека со Бирото шефуваат партиски луѓе. Интересно е што тие критики ги вперуваат кон Велковски, но забораваат дека претходните години на сите раководни позиции во МВР беа партиски луѓе како Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков или Митко Чавков“, посочува висок функционер во Министерството за внатрешни работи.
Именувањето на прв човек во БЈБ што поскоро е важно во пресрет на референдумот бидејќи е можно да се наруши политичката состојба во земјата поради зовриените страсти и разни влијанија однадвор. Поранешниот министер Павле Трајанов смета дека доколку функционира системот, односно доколку е поставен на здрави нозе, неколку дена празна директорска позиција нема да се одрази врз сигурноста на граѓаните и на јавниот имот.
„Проблемот е во силната партизација на МВР, што особено се чувствуваше во последните десетина години. Во Министерството се регрутираат кадри на партиите. На тој начин, МВР не може да биде гарант за заштита на правата на граѓаните и на безбедноста, туку само штитеник на интересите на партиите. За жал, тие повеќе водат сметка за партијата отколку за државата“, коментира Трајанов.
За можни наследници на Велковски се споменуваа и Сашо Тасевски и Кирил Митиќ. Тасевски е началник на Одделот за обезбедување. Како негова предност се истакнуваше тоа што херојски го бранеше премиерот Зоран Заев и останатите пратеници во Собранието при упадот во парламентот на 27 април, поради што набргу беше унапреден. Митиќ е началник на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во ЦПС (Централни полициски сили) на Бирото. Лазо Велковски беше сменет од функцијата поради скандалот со службениот полициски џип. Поради големото искуство во МВР, тој е сменет од функцијата, но остана да работи во Министерството.
Горан Адамовски