И Општина Карпош ќе дава до 3.000 денари субвенции за велосипед

Општина Карпош ќе доделува субвенции за купување нов велосипед, најави денеска градоначалникот Стефан Богоев. Субвенцијата ќе биде во износ од 30 отсто од сумата на велосипедот, но најмногу до 3.000 денари. Субвенциите ќе се делат по принципот „прв дојден, прв услужен”, се до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот. За старт на оваа мерка веќе се издвоени 300.000 денари од општинскиот буџет, но, како што истакна Богоев, доколку се утврди исклучително голем интерес кај граѓаните,  за што веќе има индиции, износот на средства за овие субвенции драстично ќе се зголеми, со првиот нареден ребаланс на Буџетот.

„За да се стекнат со ова право, жителите на Карпош треба да поднесат барање до архивата на Општината, фотокопии од лична карта  и трансакциска сметка, како и оригинал фискална сметка за купен велосипед не порано од 26 април 2018 година. Ова е една од мерките за намалување на загадувањето и сообраќајниот хаос, а со тоа директно да се придонесе кон заштита на животната средина. Сакаме да ја зголемиме атрактивноста на велосипедот како превозно средство и затоа започнуваме со оваа мерка, која е дел и од мојата програма за работа“, истакна Богоев кој симболично акцијата за доделување на субвенции ја најави од велосипедската патека на Кејот на Вардар.

Тој потенцираше дека Општината ќе се фокусира кон реконструкција на велосипедските патеки долж сервисните улици и нивно поврзување со булеварите. (Д.Т.Д.)