И Музејот на ВМРО ќе оди на ревизија

Музејот на ВМРО набрзо ќе биде дел од анализата на работната група која врши ревизија на проектот „Скопје 2014“, најави министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Во врска со ревизијата на „Скопје 2014“, Алаѓозовски рече дека работната група не прави сеопфатна анализа, туку оди дел по дел.

– Тие од една страна анализираат конкретни споменици, а од друга страна и институци. Музејот на ВМРО ќе биде набрзо дел на нивната опсежна анализа, а, секако, ќе се осврнат и на илјадата мали сувенири и статуетки од проектот „Скопје 2014“. Така, дел по дел ќе бидат адресирани различни аспекти. Нивните елаборати потоа ги преземаме во Министерството за култура, а заедно со интерресорската група од општина Центар и градот Скопје разговараме како понатаму да се постапува. Доколку има потреба и Градот и Министерството и општината Центар преземаат продолжителни анализи со цел евентуалното отстранување да биде изведено согласно сите законски процедури, појасни Алаѓозовски.

Тој ги отфрли обвинувањата дека отстранувањето на споменикот на Андон Ќосето е во контекст на договорот со Бугарија.