И за Универзална сала ќе се бара нов проект

Не е исклучена можноста Град Скопје да прави нов проект за Универзална сала, и покрај тоа што претходната градска власт остави проект во наследство. Сегашното раководство размислува за дополнителни содржини на објектот, па од тие причини не би ја реализирале наследената замисла за изгледот на концертната сала. Во меѓувреме, Град Скопје има судски спор околу исплата на наследениот проект. Според градските власти, тоа што се работело изминативе години на овој план било само манипулација.

„Реконструкцијата на Универзална сала, како симбол на солидарноста, која со децении преставуваше културно средиште на Скопје, во изминатите години беше само предмет на манипулација со јавноста и беа изработувани многу проекти, од кои беше реализирано само преименувањето на овој објект. Град Скопје во моментов има судски спор околу исплатата на последниот проект за реконструкција, за кој сметаме дека нема основа за исплата на истиот. По завршувањето на спорот ќе се преземат сериозни чекори за конечно уредување на овој објект и негово враќање на вљубениците во културатаВо меѓувреме, разговараме за дополнителни содржини во новиот објект, што можеби ќе значи изработка на нов проект“, велат од Град Скопје.

Ако се исполнат ветувањата на градоначалникот Петре Шилегов, Скопје во 2020 година сигурно ќе добие нова концертна сала. Тогаш фестивалот „Златно славејче“ ќе слави 20 години постоење. „Им ветив на златните славејчиња дека за јубилејот ќе пеат во нова сала“, потенцираше Шилегов на последната седница на Советот на Град Скопје одговарајќи на советничко прашање дали и што презема Градот во случајот со објектот.

А, повеќе од јасно е дека годинава Универзална сала ќе остане нечепната. Во тековниот буџет на Град Скопје нема предвидено ни денар за таа намена. Ни Министерството за култура не испланирало пари за овој заеднички проект со Градот.

„Во соработка со Министерството за култура правиме обид да го рестартираме проект за реконструкција на Универзалната сала. За жал, поради лошата материјална состојба и во Министерството за култура и во Градот Скопје, поради плаќањето на долговите од ‘Скопје 2014’, не сме во можност да предвидиме реконструкција во буџетската 2018 година. Со министерот сме во координација во буџетите за 2019 година да одвоиме средства за реконструкција на Универзалната сала во Скопје“, рече градоначалникот Шилегов.

Инаку, Универзална сала е еден од проектите кој со години се провлекува како изборен адут и тоа не само на локалната власт, туку и на централната. Во меѓувреме, објектот пропаѓа речиси од секој аспект. Салата веќе две години е затворена за посетители. Ветувањата дека ќе се реконструира датираат од 2012 година. Оттогаш наваму, надлежните сменија неколку планови. Откако после неколку неуспешни обиди избраа проект за реконструкција и доградба на објектот, неочекувано, донесоа одлука за изградба на комплетно нова сала. Избраа идејно решение кое предвидуваше модерен објект во форма на јајце. Кусо време потоа се премислија. Изградба на нова сала ќе чинело многу пари. Повторно се вратија на првичниот план за доградба и реконструкција на објектот.

Деспина Трајковска-Димова