И денеска не е закажана комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2018

Засега нема информација кога ќе продолжи седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која на дневен ред е Предлог-буџетот за 2018 година.

Претседателката на Комисијата Лилјана Кузмановска за МИА посочи дека за тоа кога ќе продолжи заседанието на седницата ќе биде објавено на собраниската веб-страна, како и за сите други комисии.

Расправата за буџетот започна во понеделникот на 27 ноември, а поднесени се над 270 амандмани. Требаше да заврши за најмногу десет дена. По информациите за вчерашните апсења за насилствата во Собранието на 27 април, меѓу кои има и пратеници, седницата на Комисијата беше одложена најнапред без особено образложение, за потоа да биде посочено дека тоа е сторено поради технички причини.

Според Деловникот за работа на Собранието, општиот претрес и претресот по амандманите по предлогот на буџетот на седницата на матичното работно тело и на Законодавно-правната комисија може да трае најмногу вкупно десет работни дена. Материјалот од седницата со прифатените амандмани повторно се доставува до Владата, која подготвува дополнет предлог. Владата го враќа дополнетиот предлог до Собранието, чиј претрес трае најмногу пет дена