И градоначалниците ќе даваат отчет за ручеците и патувањата

И градоначалниците ќе даваат отчет каде и за што ги трошат буџетските средства, или во согласност со реакциите по објавувањето на владината алатка за отчетност – кој колку пиел кафе, кој колку јадел и  колку трошел на патувања.Се очекува за десетина дена Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) да потпише соработка со Владата за вклучување во софтверот за отчетност на трошоците кој беше промовиран пред една недела.

„Разговаравме со Роберт Поповски и ние да се приклучиме во отчетноста за трошоците. Во случајов договорот за соработка ќе го потпишат ЗЕЛС и Владата“, најави за „Независен весник“ градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој е и претседател на ЗЕЛС. Рече дека соработката очекува да се официјализира за десетина дена.

Во случајов градоначалниците ќе одговорат на владиниот повик избраните функционери да бидат транспарентни во трошењето на буџетските средства. На промоцијата на алатката пред една недела Роберт Поповски, министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, појасни дека Владата нема намера да им наложи на функционерите на локално ниво да даваат отчет за потрошените пари, туку истакна оти се надева дека самоиницијативно ќе го сторат тоа.

Дали освен градоначалниците, потрошените пари јавно ќе ги прикажуваат и директорите на јавните претпријатија и другите институции основани од општините, односно од советите, ќе се знае кога и официјално ЗЕЛС и Владата ќе го потпишат договорот за соработка.

Извесно е дека тогаш ќе се знае колку пари и од кои причини дел од градоначалниците се луксузираат, купуваат службени возила во време кога општините им се со блокирани сметки, должат за вода, кубурат со средства за исплата на плати…

Засега, дел од алатката за отчетност се претседателот на Владата, замениците на претседателот, министрите, замениците министри и министрите без ресор, како и генералниот секретар на Владата и државните секретари на министерствата.

Шилегов: Трошоците најчесто ми ги покрива домаќинот

Скопскиот градоначалникот изминатиов период беше на удар на дел од јавноста поради зачестените патувања и потенцијалните трошоци за авионски превоз и сместување. Вели, не е засегнат од коментарите, згора на сѐ, според него, поголемиот дел од наводите не се точни. Во изминативе две недели тој беше во две официјални посети надвор од државава. Прво беше во неколкудневна посета на Париз, а потоа замина за Виена.

„Најчесто на сите патувања, трошоците за престој се на домаќинот. Од друга страна, зарем да се затвориме во Скопје. Меѓудругото и меѓународната соработка со градовите е дел од агендата за работа, која често вродува и со плод“, вели Шилегов. За разлика од неговиот претходник, кога патува, вели дека со себе не води цела свита.

Деспина Трајковска-Димова