И ВМРО-ДПМНЕ знае дека не паѓа Владата


В среда пред полноќ, кога во Собранието би требало да се гласа за доверба на Владата, речиси никој не верува дека опозицијата ќе успее да собере 61 рака што ќе гласа против работата на премиерот Зоран Заев и на неговиот тим. Поднесената интерпелација од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше со цел да се најде причина за враќање на нивната пратеничка група во работата на Собранието, да се направи попис на силите во парламентот, но и во еднодневната расправа пред целата јавност да се разобличат погрешните политики и нереализирани ветувања на СДСМ и на ДУИ. Тешко е да се очекува дека некој друг освен коалицијата „За подобра Македонија“, која сега брои 45 пратеници, ќе гласа за недоверба на Владата ако се има предвид оти партиите со албански предзнак, кои не се дел од коалицијата на власт, преговараат за свој трансфер на „Илинденска“.

На официјалната страница на Собранието сѐ уште не е закажана седница по поднесената интерпелација на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесена во неделата вечерта. За денеска се закажани четири собраниски седници со заостанати точки и неколку комисиски заседанија на чиј дневен ред главно се реформски закони. На 34. седница е реформскиот закон за судовите, на 35. се дополнувањата на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка, во второ читање, а закажана е и 22. седница со една заостаната точка, измени и дополнувања на законот за Заштита на сведоци, по скратена постапка. Закажана е и 41. седница со неколку точки кои не се од реформскиот пакет. Се очекува в четврток или евентуално в петок да биде закажана уште една собраниска седница на која на дневен ред ќе се најдат пакетот закони за следење на комуникациите. Сепак, претседателот на Собранието, Талат Џафери, е должен во рок од три дена по поднесувањето интерпелација да ја закаже седницата, што во овој случај значи в среда. Расправата трае цел ден, а пред полноќ ќе се гласа за доверба на Владата.

Немаме илузии оти Владата ќе падне, затоа што очигледно е оти имаат мнозинство, но целта е на чистина да се извади нивната неспособност“, вели висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“.

Во поднесената интерпелација, која ја предаде координаторот на пратеничката група Драган Донев, се наведува дека Владата за време на своето десетмесечно владеење потфрлила на сите полиња. Се споменуваат чистките во јавната администрација и претпријатија, заробеното судство, политичкиот реваншизам и апсењата на пратеници и неистомисленици, луксузирањето со државни пари, зголеменото ниво на криминалот, неспроведувањето реформи, нереализираниот план 3-6-9, насилното изгласување на Законот за јазици, падот во градежништвото, неоствареното ветување за поврат на средствата од ДДВ, договорот со Бугарија и тајноста на преговорите со Грција, се критикуваат економските и социјалните мерки, се забележува задолжувањето од 1,5 милијарди евра, контроверзиите во Министерството за култура…

Криминал, корупција, неспособност. Тоа е Владата на Зоран Заев“, потенцираат од најголемата опозициска партија.

Премиерот Зоран Заев, пак, возврати дека иако е кревко, парламентарното мнозинството е стабилно, а тенката бројка е предност, оти во такви услови не може да се создаде диктатор.

Според проценките, гласањето по однос на интерпелацијата ќе укаже на распоредот на сили во парламентот во период кога премиерот Зоран Заев се обидува да го прошири парламентарното мнозинство со некои од досега опозициските пратеници. Со ставањето на дневен ред на интерпелацијата против Владата прекинува опозицискиот бојкот на парламентот кој почна пред повеќе од четири месеци поради приведувањата за настаните на 27 април 2017 година, кога им беше одземен и имунитетот на шестмина пратеници од коалицијата „За подобра Македонија“. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, која влезе во Собранието како најмногубројна пратеничка група (51 пратеник), сега функционира со тројца членови помалку, кои му се приклучија на владејачкото мнозинство. Исто така, тројца пратеници сѐ уште се во притвор, така што пратеничката група на опозициската партија се враќа засега во парламентот со 45 пратеници, од кои 39 се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. За евентуално изгласување недоверба на владиниот кабинет се потребни минимум 61 пратенички глас. Во случај да се изгласа недоверба на Владата, таа е должна да поднесе оставка, во спротивно, во следните 90 дена не може да се покренува повторно прашање за доверба во кабинетот на „Илинденска“.

Горан Адамовски