Италија остана без селектор, фудбалската федерација му врачи отказ на Вентура

Италијанската фудбалска федерација ја прекина соработката со Џанпјеро Вентура. Отказот за досегашниот селектор на „азурите“ дојде како логична последица на елиминацијата од Шведска во баражот за Светското првенство во 2018 година.

Како главни кандидати за наследници на Вентура се споменуваат Карло Анчелоти кој е моментно без ангажман, потоа тренерот на Зенит од Санкт Петербург, Роберто Манчини и предводникот на младата репрезентација, Луиџи ди Бјаџо.

Под водство на Вентура, Италија за првпат остана без пласман на СП по 1958 година. „Азурите“ завршија на второто место во квалификациската група Г во која играше и Македонија што значеше и дополнителни 180 минути за место на завршниот турнир. Ждрепката ги спои со Шведска, селекција која славеше во првиот меч во Стокхолм со 1:0, а погодокот на Јохансон во 61 минута се покажа како пресуден за патникот на СП 2018 со оглед дека немаше голови во реваншот на „Сан Сиро“.