Еврокомесарот за здравство ги повика противниците на вакцини на одговорност

Европскиот комесар за здравство, Витенис Андриукајтис, денеска ја истакна “моралната одговорност“ на противниците на вакцини и ги покани да ги посетат децата кои страдаат од детска парализа.

“ Здруженијата против вакцините не знаат што прават, не знаат што зборуваат“, изјави Андриукајтис на прес-конференција во Брисел.

Тој истакна дека тие здруженија се враќаат со децении наназад, во времето кога немаше вакцини, поради што имаше многу смртни случаи.

“Земјите членки ја ратификуваа Конвенцијата за правата на детето и мора да обезбедат нивно почитување на највисоко ниво. Ако родителите на децата не го разбираат ова, владите се тие што ќе треба да ја преземат одговорноста за заштита на тие деца„, истакна еврокомесарот Андриукајтис, кој е поранешен лекар.