„Исцелител“ најдобар дебитантски филм на фестивал во Виена

Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески ја доби наградата за најдобар дебитантски филм на фестивалот Let’s CEE во Виена, Австрија.

„Одлучивме да го наградиме филмот кој успева шармантно да ги спои драмата и комедијата. Филмот раскажува приказна за син кој му помага на својот татко, сместена во мала земја која се соочува со економски проблеми. Заедно со актерите и екипата, режисерот ни прикажува веродостоен лик кој наоѓа посебен кинематски рецепт да ја поправи скршената врска од минатото и да најде нов пат за себеси“, соопшти жирито.

Филмот се натпреваруваше во официјалната програма заедно со уште 13 филмови. Покрај наградата за најдобар дебитански филм „Исцелител“ доби и специјално признание од Синеплекс – награда за дистрибуција.

И филмот на Горан Столевски на Let’s CEE доби наградата за најдобар краток филм. Фестивалот во Виена има фокус на филмови од продукции од Централна и Источна Европа, Турција и Кавкаскиот регион. Ова е шесто издание на фестивалот на кое беа прикажани повеќе од 155 долгометражни, документарни и кратки филмови.

Филмот „Исцелител“ за три месеци освои осум награди и учествуваше на 21 меѓународен фестивал. Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите Аксел Мехмет, Диме Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на „Фрагмент филм“ од Скопје.