Исход од преговорите за името кон средината на оваа недела

Конечниот исход од оваа фаза од преговорите за името се очекува да биде познат кон средината на оваа недела, најавува за „Независен весник“ висок владин функционер. Тој го најавува како клучен момент за исходот од преговорите за името разговорот што претстои меѓу премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Од разговорите Заев – Ципрас, кон средината на неделата, зависи дали ќе има договор пред состанокот на Европскиот совет или, пак, оваа фаза од преговори со Грција ќе заврши без решение.
Очекувањата на македонската Влада, според нашиот соговорник, се дека, со оглед на развојот на настаните во врска со преговорите ќе има договор за надминување на долгогодишниот спор и дека со тоа ќе се отвори патот за Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.
Според нашиот соговорник, македонската Влада е подготвена да носи одлуки во насока на скоро надминување на проблемот со името, затоа што, како што наведува, само тоа ја гарантира иднината на државата. Секако, како што наведува нашиот соговорник, следува референдум на кој и граѓаните ќе добијат можност да се определат.