Испраќачот на писма бомби откриен со еден отпечаток од прст

Беа потребни помалку од пет дена за американските службеници за спроведување на законот да го идентификуваат човекот за кој веруваат дека е одговорен за испраќање најмалку 13 писма бомби до политичките противници на претседателот Доналд Трамп.

Податоците за мобилен телефон, ДНК-записи, грешки при пишувањето и еден отпечаток од прст, беа дел од акцијата што доведе до апсењето на Сезар Сајок на паркингот во Плантејшн, Флорида.

Трамп изјави дека иследниците направиле неверојатна работа во пронаоѓањето на осомничениот толку брзо откако беа пронајдени неколку сомнителни пакети во домовите и канцелариите во Њујорк, Флорида и Калифорнија.

ФБИ, Заедничката единица за тероризам и локалните полициски службеници работеа брзо за да ги откријат индициите, со оглед на бројот на пакети што содржат потенцијално експлозивен материјал.

Големиот пресврт се случи кога беше пронајден еден отпечаток од прст на пакетот наменет за конгресменката од Калифорнија, Максин Вотерс. Тој одговараше со отпечаток од досието на Сајок во Флорида.

ДНК-примерок од направата наменета за поранешниот претседател Барак Обама бил идентичен со ДНК на осомничениот, откри ФБИ.
Дополнителен доказ дојде од правописните грешки пронајдени во пакетите, кои се совпаднаа со грешките направени на онлајн објави на Сајок.

Пет пакети беа следени до дистрибутивниот центар Опа-Лока близу Мајами, од каде што биле испраќани.
И информации од мобилни телефони се користеа, исто така, за да го следат до Плантејшн, мал град десет километри од Форт Лодердејл.
Околу 50 вооружени офицери го обиколија Сајок кога тој се приближи до бело комбе на паркингот надвор од продавница за автоделови. Тие му наредија на легне на земја и тој не се спротивстави.

Директорот на ФБИ, Кристофер Врај, ја поздрави неверојатната работа на истражните службеници. „Ова е феноменална работа под најголем притисок во неверојатно тесна временска рамка“.
Иследниците сè уште го испитуваат материјалот пронајден во пакетите. Во нив се пронајдени тајмери, батерии, шрапнели и ПВЦ-цевки до 20 сантиметри во должина. Иако не биле нагодени да експлодираат по отворањето, властите забележаа дека тие вклучуваат „енергетски материјал“.
Јавниот обвинител Џеф Сешнс посочи дека политиката може да одигра улога во мотивот истакнувајќи дека Сајок се чини дека е партиски припадник.
Фотографиите и видеото, кои се пронајдени на социјалните мрежи, покажаа дека Сајок присуствувал на митинзите на Трамп носејќи шапка „Направи ја Америка повторно голема“ и ги споделувал конспиративните теории на заговор. (Индипендент)