Исламскиот свет го осуди нападот врз џамиите во Нов Зеланд

Политичките и верските лидери од исламските земји со згрозување го осудија денешниот напад во две џамии во градот Крајстчрч на Нов Зеланд, при што загинаа 49 лица, а најмалку 20 се потешко повредени.

 

Масакрот, кој е извршен за време на петочната молитва, е најсмртоносниот напад во историјата на Нов Зеланд.

Властите на Турција во реакција на нападот побараа итен прекин на „фашистичкиот тероризам врз исламот“.

– Нападот во двете џамии во Нов Зеланд покажува до кој степен е стигната исламофобијата и омразата кон муслиманите, напиша на Твитер портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Калан.

Тој нагласи дека остро го осудува „фашистичкиот терористички напад“.

– Индонезија силно го осудува овој чин на убиства, особено на место каде се одржува петочна молитва, изјави министерот за надворешни работи на Индонезија, Ретно Марсуди.

Претходно беше објавено дека во џамијата имало шестмина Индонезијци кога се случил нападот, од кои тројца избегале, а за судбината на другите тројца нема информации.

Индонезискиот амбасадор во Нов Зеланд, Тантови Јахија изјави дека во Крајстчрч има вкупно 331 Индонезијци, од кои 134 студенти.

Лидерот на владејачката коалиција во Малезија, Анвар Ибрахим го осуди нападот како „црна трагедија која се заканува на човештвото и светскиот мир“.

– Длабоко сум погоден од овој нецивилизиран чин, кој оди против човештвото и вредноста на човечкиот живот. Го испраќаме нашето најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и до новозеландскиот народ, истакна Ибрахим во писмена изјава.

Нападот остро го осуди и лидерот на најголемата индиска муслиманска партија Камал Фаругуи.

– Антимуслиманскиот вирус се шири секаде во светот. Луѓето од сите религии треба да се загрижени, изјави Фаругуи.

Авганистанскиот амбасадор на Нов Зеланд и Фиџи, Вахидулах Ваиси напиша на Твитер дека при нападот се повредени тројца Авганистанци.

– Моите мисли се со семејствата на Авганистанците кои беа мета во овој гнасен чин, рече Ваиси.

Портпаролот на пакистанското Министерство за надворешни работи Мохамад Фаисал го осуди нападот на социјалните мрежи, употребувајќи хаштаг  #pakistanagainstterror (Пакистан против теророт).

Голем број граѓани на социјалните мрежи изразија згрозување од снимката која кружи на Интернет, а на која е прикажан напаѓачот како ги убива луѓето во џамијата со истрели од автоматска пушка. паг/сп