Инциденти на Лезбос: Радикални десничари ги нападнаа мигрантите

Неколку лица се повредени во вчерашните инциденти на грчкиот остров Лезбос меѓу радикално десничарски групи граѓани, бегалци и мигранти кои протестираа на плоштадот во градот Митилини и полицијата.

Инцидентите, според грчките медиуми, завршија во 5.30 часот утрово со интервенција на полицијата, празнење на плоштадот и насилно пренесување на бегалците и мигрантите во прифатниот центар Морија.

Се почнало кога група граѓани, радикални десничари, се обиделе да ги нападнат мигрантите и бегалците насобрани на еден од плоштадите, но и полицајците кои ги штителе. Центарот на Митилини се претворил во бојно поле, групата фрлала камења, дрва, пиротехнички материјали кон бегалците и мигрантите, извикувале „запалете ги живи“, а полицијата употребила солзавец. Биле запалени и канти за отпадоци, а неколку лица, повеќето мигранти, биле повредени и пренесени во болница.

Откако се смириле страстите, по неколкучасовните инциденти, полицијата го испразнила плоштадот, а мигрантите и бегалците насилно биле внесени во автобуси и вратени во прифатниот центар Морија, од каде што пристигнале минатата среда за да протестираат. Целата акција на полицијата траела само 10 минути.

Лезбос е еден од грчките острови што се најпогодени од бегалската криза уште од 2015, а бегалците и мигрантите најчесто протестираат против лошите услови и пренатрупаноста на прифатните центри.