Интервју со Едина Муса, кошаркарка: Тајната на мојот топ-изглед

Кошаркарката Едина Муса (27) од Скопје е убавицата за март од годинешниот календар на „Пелистерка“, кој на провокативен начин ги истакнува бенефитите на водата и ја слави убавината на жената. Убавата спортистка со исклучителни резултати сме навикнати да ја гледаме во спортско издание, но на календарот е исто така во спортски елемент, но совршено ги отсликува елеганцијата и убавината на спортот.

Со кошарка се занимава од 6 години. Средно и високо образование има завршено во САД. Има завршено кинезиологија на Lincoln Memorial University. Игра за „Вардар“ , а за репрезентација настапува од 15 години. Повеќе пати е прогласувана за најдобар играч во Македонија.Четири години играла кошарка во NCAA лигатакоја е најсилната колеџ лига во Америка.

Муса ни ги откри тајните на топ-изгледот, но и на врвните резултати во спортот.

Од каде љубовта кон спортот, особено кон кошарката?

– Потекнувам од спортско семејство. Мојот татко е кошаркарски тренер, а воедно и имаме наш кошаркарски тим, каде што и ги научив основите на кошарката. Јас тргнав по стапките на мојот татко, кој го посвети својот живот насочувајќи нѐ мене и мојата сестра кон кошарката и ни ги покажа убавините на овој спорт. Нескромно можам да кажам дека израснав во кошаркарска сала, така што љубовта кон овој спорт е нешто со што сум растела и која ми отворила многу врати во животот, како што е школувањето во Америка.

Што беше за тебе пресудно: здравјето, изгледот, резултатите?

– За мене е многу важен балансот од сите три, здравјето, изгледот и самите резултати. Многу поединци прават големи грешки кога станува збор за изгледот, па се спремни на ектремности само за да достигнат одредени резултати, притоа забораваат на најважното нешто, а тоа е нашето здравје. Поради тоа, е многу важно сите три работи да се избалансираат за да траат подолго. Затоа, секогаш ги советувам сите тие со кои сум имала можност да зборувам на оваа тема, дека за долгорочни резултати и за добар изглед е потребно да се смени начинот на живот, а не држење строги диети и доведувања на своето тело до исцрпување, бидејќи не само што тие резултати ќе исчезнат за кратко време, туку го нарушуваат и вашето здравје.

Колку ти се смени животот откако спортуваш?

– Откако знам за себе јас сум во спортот, така што не можам да зборувам за тоа како животот ми се променил откако спортувам, но можам да зборувам за бенефициите што ми ги дава спортот. Покрај тоа што моето тело има секојдневна потреба за физичка активност, оваа навика воопшто не ми претставува проблем секојдневно да ја изреализирам. Секогаш наоѓам начин и време за барем еден час во денот да бидам физички активна. Со сето ова моето тело е веќе влезено во кругот на здравиот начин на живот и ужива во бенефициите од спортската активност. Спортот ме научи како да бидам дисциплинирана во своите обврски, како и психички да можам да го издржам секој товар. Никогаш да не се откажам од тоа што сум го замислила, правилно да си го организирам времето, секогаш целосно да се посветам и да се вложам на тоа што го работам, како и многу други навики кои несвесно се развиваат со занимавање со каков било спорт. Занимавањето со кошарка на повисоко ниво, заедно со напорните тренинзи и залагањата, ми овозможи целосна стипендија за школување во Соединетите Американски Држави, каде што и завршив средно и високо образование.

Како ти изгледа еден ден? 

– Во зависност од тоа дали сум во подготвителен период или не, дали со кошарката дали со фитнесот, моето секојдневие варира. Како и да е, главно тренирам двапати на ден, обично наутро кога ќе станам го правам првиот тренинг, кој претежно е кардио, потоа водам персонални тренинзи со клиенти во текот на целиот ден. Пред вториот тренинг, кој е претежно тежински или тренинг по кошарка, се трудам да најдам еден до два часа за одмор. Легнувам прилично рано и се трудам да имам 8 часа квалитетен сон, со оглед на напорот што го вложувам во текот на денот. Слободното време ми е сведено на минимум, но затоа недела ми е ден за одмор кој сакам да го поминам со најблиските и со луѓето што ги сакам.

Те избраа за постерот на „Пелистерка“. Што за тебе значи еден ваков престижен настан?

– Искрено, понудата од „Пелистерка“ ја прифатив без двоумење, со оглед на тоа што се најдобри во тоа што го прават. Ми претставуваше огромна чест што имав можност да работам со таков тим и да бидам дел од нивниот многу познат проект. Презадоволна сум од тоа како се одвиваше самото снимање, а и самиот календар изгледа премногу добро. Спортистките, кои треба да бидат репер за припадниците на понежниот пол, докажаа и покажаа дека можат да бидат најдобри во својот спорт, а притоа да ги зачуваат женственоста и сексапилот.

Кои се твоите ритуали за разубавување?

– Немам некои посебни ритуали за разубавување, освен консумирањето здрава и свежа храна, консумирање многу течности и секојдневната спортска активност.

Кое е твоето хоби и колку те интересира модата?

– Со оглед на тоа што се занимавам со два спорта, во кои и професионално се натпреварувам, немам време за некое друго хоби. Како и да е, слободното време го поминувам во прошетка во парк, пешачење на Водно, играње тенис, одење на театар или на кино. А колку ме интересира модата? Па, не знам, не сум тој тип да се опседнувам со следење на најновите трендови и стајлинзи, претежно го облекувам тоа што мене ми се допаѓа и во тоа што се чувствувам најпријатно.

Спортистките се најчесто во патики. Дали носиш и високи потпетици?

– Да, точно, 90 отсто од времето сум во патики, но ќе излажам ако кажам дека не ги обожавам и високи потпетици, посебно сега во зимскиот период уживам во чизмите со високи потпетици, кои ми се омилени.

Што им советуваш на девојките за топ-форма?

– За топ-форма е потребно да се живее пред сѐ здрав начин на живот, а под тоа се подразбира здрава и избалансирана исхрана, секојдневна физичка активност, квалитетен сон и консумирање повеќе течности. На припадничките на понежниот пол не само што им препорачувам, туку и ги охрабрувам барем еден час од денот да си го посветат себеси и на сопственото тело. Можеби за некои што не биле воопшто активни сето ова изгледа премногу, меѓутоа, сето тоа со тек на време ќе прерасне во навика, која ќе ја обожавате, а вашето тело ќе ви заблагодари. Нека заборават на строгите диети и на гладувањето и нека се насочат кон нов здрав начин на живот, затоа што само така може не само да се стекне топ форма, туку и истата да се задржи.

Колку ја имаш поддршката од семејството?

– Имам целосна поддршка од моето семејство и од моите пријатели. Искрено, тие се и мојата секојдневна мотивација, и секој мој успех им го должам ним. Да се има такви пријатели и роднини, е тоа е вистинското богатство во животот, нешто што ни со пари не може да се купи.

Лејла Сабит     Фото: Ани и Дими