Адеми и Тозија се оградуваат од филмот на Бојаџи


Министерот за култура Асаф Адеми и директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија соопштија дека филмот „Ругање со Христос“ во режија на Јане Бојаџи предизвикува раздор во мултиетничкиот карактер во земјава и дека тие се оградуваат од него. Тие велат дека филмот добил поддршка од Агенцијата за филм во 2015 година од тогашното раководство.

Адеми вели дека, иако не го погледнал филмот, го читал сценариото и го гледал трејлерот за филмот, во кој одредена сцена покажува војници на ОНА кои се претставени како насилни силувачи. Тој посочи дека лошата вест е што со јавни пари се подржувале проекти кои не се во интерес на граѓаните.
– Откако го видов сценариото и ја разгледав документацијата, врз основа на член 60 од Законот за филмска дејност, донесов решение за спроведување инспекциски надзор за утврдување на почитувањето на законската регулатива и другите прописи од областа на Законот за филм. Иако уметноста нема граници, сепак таа не може да служи за поттикнување омраза, со што се уриваат границите на љубовта и толеранцијата помеѓу луѓето – рече Адеми.
Тој посочи дека како министерство ќе градат тесна соработка со актуелните раководители на Агенцијата за филм, за преземање на сите потребни законски чекори, со цел овој филм да не му наштети на соживотот на граѓаните во Македонија.

– Во претходниот состав кој го одобрил филмот нема ниту еден Албанец, што е посебен скандал бидејќи во вакви скапи проекти кои го тангираат интересот на другите етнички заедници во земјата не се нашол ниту еден Албанец или друг припадник на етничките заедници. Според нас, ова не е замислената мултиетничка и мултикултурна Македонија. Иако овој не е првиот филмски проект што се засновува на омраза кон другиот, бидејќи и во минатите години имало филмови со такви содржини, а во меѓувреме може да се појави и некој друг таков филм поддржан од минатиот режим, но за нас е важно да кажеме дека овој ќе биде последниот филм со ваква содржина – рече Адеми.

Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија рече дека ова е уште еден од низата филмови поддржувани од минатиот режим, во кој не се водело сметка за уметничкиот потенцијал, содржината и воопшто не ги задоволува критериумите пропишани во законската регулатива на институцијата.
– Освен општата конфузност што се провлекува низ приказната, нејасно е дали елементите каде што се вмешува етничкиот контекст и се потенцира конфликтот што се случи 2001 година е во функција на филмот или, пак, виси како нејасна порака која задира во некои фрагилни теми од нашата блиска историја – рече Тозија.

Нема да има цензура, но нема ни дозвола за омраза
Министерството за култура во првата реакција за филмот испратена до медиумите пишуваше дека ќе има ново законско решение кое ќе ги спречи ваквите злоупотреби.
„Ќе се бара отчет и ќе има контрола врз финансиското и, што е најважно, врз темите, идеите и пораките што ги праќаат овие творби/филмови“, стои во соопштението.
На прашањето дали станува збор за цензура, Адеми и Тозија одговорија дека нема да ја ограничуваат слободата на авторите, но дека не смее проектите да бидат со навредлив национален или религиозен карактер.
„По примерот на европската регулатива, ќе биде воведен дополнителен увид во снимените проекти, односно пред нивната дистрибуција ќе бидат погледнати од потписниците што дале зелено светло на сценаријата. Мора да се води сметка за етичкиот аспект на пораката“, објаснуваат тие.

Ивана Настеска