Иновативни бизниси: Едно е да црташ на кафе, а друго е да направиш добро кафе
Пиењето кафе е секојдневен ритуал за многумина од нас, бидејќи сме познати како нација кафепијачи. Го пиеме наутро за расонување, напладне за дополнителна доза енергија, навечер за дружење со пријатели и добар муабет. Секоја професионална или пријателска средба ја закажуваме со „Кога ќе пиеме кафе?“
Овој пат за тема го одбравме кафето и поради уште една причина. Во серијата написи за иновативни бизниси што ги реализираме, вниманието ни го привлекоа тројца млади кафе-експерти кои пред неколку месеци го отворија „Дрип кафе“ во Скопје. Ова место претставува своевидна лабораторија за кафе управувана од Александар Патлиџанковски, Влатко Ангеловски и третиот партнер Дарко Трпковски.
Тие велат дека „Дрип кафе“ е продавница, тренинг и дегустативен центар. Користат кафе арабика од различни региони како Бразил, Бурунди, Индонезија, Гватемала, Костарика, Етиопија, Кенија…
Квалитетно кафе не смее да горчи
Ако во секојдневјето пиењето кафе е придружен елемент за социјализација или дружење, во „Дрип кафе“ се случува нешто поинакво. Тука гостите доаѓаат токму поради кафето и посебниот третман на секоја шолја кафе која е послужена.
Александар и Влатко уште пред 13 години се запознаваат токму преку учењето како се прави еспресо, додека работеле во различни локали. Почнале да се занимаваат на едно повисоко ниво со кафето, какво треба да биде, какви сорти постојат и така почнува нивната приказна.
„За да го препознаат квалитетот на кафето, консумирачите треба да знаат дека кафето не треба да горчи, без разлика дали е со шеќер или без. Прво правило е дека кафето не треба да има горчина, иако може да има агресивен вкус, но тоа не смее да преовладува. Нема потреба да се додава шеќер, треба да биде слатко само по себе. Главната состојка треба да биде кафето“, ни раскажува Александар додека внимателно го подготвува нашето еспресо.
За совршена шолја кафе, важно е точното дозирање. Кафето се става во добро исушената рачка од кафематот, внимателно се притиска, без да се допира кафето со раце.
„Хигиената е едно од најважните правила што ги поставивме тука“, потенцира Александар и за неколку минути го послужува еспресото, третирајќи го како мало уникатно уметничко дело.
Изучувајќи го кафето низ сите овие години, тие се претвораат во врвни цртачи на кафе или стручно кажано – баристи. Учествувале и на натпревари, а сега и самите се тренери и дегустатори.
„Постојат четири основни цртежи за техниката цртање на кафе. Кога тоа ќе се совлада, понатаму сè останува на фантазијата на баристот и колку ќе тренира. Се црта со млеко и тоа дава посебно визуелно задоволство кај гостинот“, вели Александар.
Според него, секој може да научи да црта на кафе, но не секој може да направи добро кафе.
Цртежите во шолјата кафе го привлекуваат првото внимание кај гостинот и најчесто предизвикуваат насмевки. Тие може да бидат резултат на некој повод или пак моментална инспирација на баристот. Како што се развива културата за пиење кафе, така се развива и оваа професија која станува сè повеќе популарна. Ова е релативно млада професија, бидејќи датира од пред околу 30 години.
Бизнисот е возможен ако се следат трендови
Почнувајќи да го изучуваат кафето од љубопитност, тие денес важат за најподготвените баристи и кафе-познавачи кај нас. Отворањето на „Дрип кафе“ е само резултат на нивното искуство и знаење во оваа област.
„’Дрип кафе’ го отворивме пред неколку месеци. Ваквиот бизнис не е многу развиен ниту кај нас, ниту во земјите од регионот. Но, возможно е да се успее доколку се следат трендовите на светско ниво“, вели Александар.
Тие внимателно ги набљудуваат практиките на развиените земји како Норвешка, Финска, кои се сметаат за земји кои имаат највисоко ниво на кафе-култура.
„Овој бизнис е жива материја, мора да се развива и да се надградува. Ние ги следиме светските трендови, но како земја сè уште не можеме да бидеме во чекор со нив. Заостануваме една или две години. На пример, ние имаме кај нас аеропреса од 2015 година, а во светот веќе се користат други. Овој бизнис може да успее, но сè уште кафе-културата не е развиена на посакуваното високо ниво кај нас“, вели Александар.
Се служи и познатото кафе „Kopi Luwak“ или „Civet caffe“
Кафето кое е карактеризирано како најреткиот пијалак во светот е токму „Kopi Luwak“, а понекогаш може да се најде и како „Civet caffe“. Ова кафе се добива од зрна кои претходно се консумирани од страна на животно-мачка.
„Животните кои се од фамилијата мрзливци и се типични за Индонезија ги јадат зрната од кафето, ги ферментираат преку дигестивниот тракт, а потоа луѓето го собираат кафето, го сушат и го продаваат. Тоа кафе се добива само на овој начин и затоа е многу ретко и специфично“, вели Александар и додава дека овој вид на кафе може да се вкуси и кај нив.
Ивана Настеска
фото:Борис Грданоски