Транспаренси интернешнл: Македонија најкорумпирана во Западен Балкан

Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл објавен денеска покажува дека бавно оди сузбивањето на корупцијата на Западен Балкан. Од регионот најдобро рангирана е Хрватска, која е на 57 место, а најлошо рангирана е Макекедонија, која е на 107 место во 2017, за разлика од 90. место во 2016 година.

Во конкуренција од 180 држави, најдобро рангирана од поширокиот регион е Словенија, која е на 34. место, Грција и Романија се на 59., Црна Гора е на 64. место, Бугарија е на 71., Србија е на 77. место, Турција на 81, Косово на 85 и Албанија на 91 место.

Најдобро рангирана земја во светот е Нов Зеланд, следена од Данска и Финска, а перцепцијата за корупција е најголема во Сомалија, која е на дното на листата на Транспаренси интернешнл.

-Организацијата истакнува дека напредокот во борбата против корупцијата е бавен, а повеќето држави пребавно напредуваат во таа борба. Иако запирањето на бранот корупција е долготраен процес, во изминатите шест години голем број држави оствариле мал или никаков напредок. Уште повеќе вознемирува резултатот од дополнителните анализи покажува дека државите каде новинарите и невладините организации се најслабо заштитени, воедно имаат и најголема стапка на корупција, наведува ТИ во денеска објавениот извештај.