Името ќе го отвори и македонско-грчкиот гасовод
Во втората половина на наредната година може да почне изградбата на гасоводот меѓу Македонија и Грција. Владата најави изработка на основен проект по што би следело распишување тендер за изведувач. Нормализацијата на македонско-грчките односи во делот на енергетиката ќе ги откочи старите проекти, за кои во новите околности нема да биде проблем да се најдат финансиери. Дури и грантови.
Гасното поврзување со Грција е актуелно со години, затоа што Македонија има само една конекција, преку Бугарија, а преку тој цевковод стигнува гасот што го носи „Газпром“, што ја остави земјата без конкурентен пазар на гас. Во октомври 2016 година во Скопје беше потпишан меморандумот за разбирање меѓу државната АД за енергетски дејности „Македонски енергетски ресурси“(МЕР) и грчкиот систем оператор за пренос на гас ДЕСФА, според кој гасоводот ќе тргнува од подрачјето на Солун и ќе има околу 50 километри должина на грчка страна и преку Евзони ќе стигне до Штип. На македонска страна гасоводот ќе се протега на 110 километри.
„За да се создаде конкуренција единствен начин е да се конектираме со гасниот систем на Грција, каде ќе имаме пристап до неколку независни извори на гас. Тоа ќе бидат терминалите во Грција до кои гас носи било кој испорачувач на гас од светот, ако одговара по цена. При тоа, тој систем ќе не поврзе со ТАП проектот, од Азербејџан до Италија и ќе даде нов извор на гас и нова конкурентност“, вели вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Владата вели дека меѓународни финансиски институции се заинтересирани за финансирање на овој гасовод, а очекувањата се и дека ќе биде издејствуван грант во рамките на фондот „Вестeрн балканс“, во рамките на Берлинскиот процес.
Овој гасовод, според Анѓушев, е приоритетен зашто не само што ќе обезбеди конкуренција, туку и ќе и овозможи на Македонија да биде транзитен центар за снабдување со гас и на Косово, каде што нема цевковод за гас. Ако биде побрза од соседите, Македонија може да биде интересна како центар за снабдување со гас.
Владата прифати средба со „Хеленик петролеум“ за цефководот
Владата ќе прифати средба со грчката рафинерија „Хеленик петролеум“ за да се реши проблемот со цефководот. По неколку неформални средби, вицепремиерот Кочо Анѓушев изјави дека иницијатива на „Хеленик“ е прифатлива за Владата.
„Нема да бегаме од разговор, нашата влада е отворена да ги решава сите проблеми, без разлика што тие проблеми се наследени. Такви преговори не се почнати“, рече Анѓушев.
Цефководот, којшто носеше сурова нафта за преработка, остана неискористен откако ОКТА престана да работи како рафинерија. Тој беше исчистен од талозите а грчката страна неколку години бара но не успева да добие дозвола од Владата за да го користи за транспорт на дизел.
Во продуктоводот се инвестирани 110 милиони долари. Тој има должина од 213 километри, од кои 68 се во Грција а 145 во Македонија. Годишниот капацитет на продуктоводот е 2,5 милиони метрички тони, што е неколку пати повеќе од годишната потрошувачка на дизел во Македонија и делот од регионот што го снабдува ОКТА во моментов.
Анита Салтировска