Има или нема АРМ нови униформи?

 
„Додека војниците немаат платен превоз, работат во стари униформи, а нивното мени е сè посиромашно, Шекеринска од буџетот на Министерството за одбрана дава 1 милион евра за референдумска кампања за разубавување на капитулантскиот договор со Грција“, обвини вчера ВМРО-ДПМНЕ. Според оваа партија, условите за работа во армијата никогаш не биле полоши, бидејќи  парите наменети за одбраната се трошат за сè друго само не за АРМ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, илјадници војници од 30-ина населени места во  Македонија со недели немаат организиран превоз до касарните во кои работат и од сопствен џеб ги плаќаат трошоците за превоз.
„Превозот не е единствен проблем на војниците, тие подолг период работат во стари униформи. Шекеринска ветуваше дека ќе набави нови, но сега го поништи тендерот за набавка на над 14.000 униформи, со што ги остава војниците и понатаму со стари излитени униформи. Која е причината поради која е поништен овој тендер и дали се подготвува спогодба во четири очи во висина од 750 илјади евра?“ прашуваат од опозицијата.
Од кабинетот на Шекеринска реплицираа дека овој јубилеј АРМ го прослави со повисоки плати, со зголемен буџет за одбраната и преземена обврска тој и понатаму да се зголемува, со исправени неправди, обезбедени средства за нови униформи и опремување на македонската војска.
– Оваа година, Владата обезбеди 15 отсто зголемување на вкупниот буџет за одбраната. Обезбедивме, по многу години, првпат зголемување на платите на сите припадници на АРМ за 10 проценти, нешто што беше најавувано, но нереализирано. Обезбедивме првпат исплата на јубилејната награда, на сите оние што 15 и повеќе години се во служба на армијата, обврска што години со ред не била исполнувана. Обезбедивме враќање на плаќањето за дежурства за сите припадници на армијата, без исклучок“, истакна Шекеринска.
Таа нагласи дека „она што е, исто така, многу важно, оваа година се обезбедени средства од буџетот за набавка на униформи и чизми за сите припадници на армијата. Во тек се и набавки на неборбени возила и инженериски машини кои многу ќе го зголемат капацитетот на армијата, особено за поддршка на цивилните институции. Јас очекувам дека до крајот на следниот месец ќе го завршиме и ремонтот на сите хеликоптери и ќе обезбедиме стабилна основа за модернизација во следната година“.
На обвинувањата реагираа од СДСМ:
„Оваа година АРМ ја прослави 26-годишнината како армија на држава со покана на НАТО да стане 30. земја членка. Тоа значи обезбедена и стабилна иднина на Македонија, што е светлосна разлика во однос на криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести. Како што веќе соопшти Министерството за одбрана, не е точно дека се укинуваат линиите за превоз на војската, напротив опфатени се сите релации, а за дел од нив е направено и проширување. Хистеричното ширење лаги поврзани со АРМ повторно го отвора прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ сака да се идентификува со структурите на кои им пречи членството на Македонија во НАТО“, стои во реакцијата од оваа партија.