Илјадници тони јаболка гнијат по магацините


Ресен – Незадоволни од ниските откупни цени и проблемите со пласманот на јаболката, преспанските овоштари излегоа на протести и два часа го блокираа магистралниот пат Ресен-Битола, кај месноста Макази. Тие бараат итна средба во Владата за надминување на проблемите, во спротивно предупредуваат дека на Преспа ѝ се заканува еколошка катастрофа, затоа што по магацините, во несоодветни услови, складирани се околу 50 илјади тони јаболка. Производителите велат дека немаат пласман, затоа што по неколку исклучително лоши години со временски непогоди и преполовен род, последната реколта со хиперпродукција ја намали откупната цена од три до шест денари за килограм трпезно и еден денар за килограм индустриско јаболко. Бараат владината интервентна мерка од три денари субвенција, која траеше до декември лани, да продолжи до јуни, а исто така бараат ланските субвенции да им бидат исплатени во следните два месеца.

Индустриските јаболка кои се предадени кај регистрирани откупувачи со цена пониска од 5 денари за килограм во периодот од 26 декември 2018 година до 30 јуни 2019 година, да бидат субвенционирани по три денари од килограм. Исплатата на субвенциите за оваа мерка да биде до крајот на јуни до кога е законскиот рок за исплата. Третото барање е субвенциите за 2018 година да бидат исплатени до крајот на март оваа година. Овие три барања бараме итно да бидат разгледани од страна на Владата и од Министерството за земјоделство. Доколку во рок од 10 дена не добиеме одговор на барањата, ние повторно ќе организираме, но овој пат со радикални протести“, рече Менде Ивановски, овоштар од Иницијативниот одбор за спас на преспанските овоштари.

Овоштарите се жалат дека се во исклучително тешка финансиска состојба, а во прашање се доведени сите активности во овоштарниците во наредниот период.

Состојбата е многу тешка, имаме 50 илјади тони неоткупени јаболка, немаме пласман ниту на трпезното ниту на индустриското јаболко. Дел од јаболката ќе ги донираме во Домот за стари лица во Битола и во битолската болница. Не сакаме да ги фрлиме јаболката во кои е вложено многу труд. Тоа е храна, ќе ги донираме во хуманитарни цели“, изјави овоштарот Љубе Пампулевски.

Годинава пласманот на јаболката е на катастрофално ниво. А откупните цени се движат од три до шест денари за килограм консумно јаболко, додека за производство треба да се вложат осум денари. Тоа е чиста загуба, а ќе дојдеме до уште поголема загуба затоа што сега не можеме да ги продадеме ниту по таа цена. Почна кроењето на овошките и другите активности во овоштарниците, а ги немаме исплатено старите долгови. Се запишуваме за препарати, за нафта. Моменталната состојба во Преспа е навистина алармантна“, рече Албен Бекир, овоштар.

Јаболката што чекаат за откуп се складирани во магацини, без соодветни услови, а доколку не се најде пласман за родот, овоштарите ќе бидат принудени да ги фрлат јаболката.

Тоа не се ладилници, во такви услови јаболката не можат да издржат на повисоки температури во март и април. Тој род ќе се фрли, а тоа ќе биде голема еколошка катастрофа не само за Преспа, туку за цела Македонија“, вели Бекир.

Глобалното затоплување и климатските промени, од кои неколку години е погодена Преспа, предизвикаа стрес кај овошките и појава на хиперпродукција на јаболка, велат овоштарите. Претходните неколку сезони, со доцни пролетни мразеви и температури од -10 степени, непознати за Преспанскиот Регион, го редуцираше производството за 90 проценти. Тоа ја наруши хармонијата за нормално и оптимално плодородење, поради што последната реколта имаше хиперпродукција на јаболка од 120 илјади тони. Овошките не ја издржаа тежината, па поради оштетување на стеблата и гранките околу 70 илјади тони јаболка сами се кршеа и паѓаа на земја. Дел од овие количини овоштарите ги продадоа, но голем дел останаа по магацините.

Овоштарите како решение на проблемот со складирањето и откупот на јаболката го гледаат во изградба на откупни центри, затоа што ладилникот кај месноста Макази нема капацитет да го складира целото производство, а таму се откупени околу 5.000 тони јаболка.

Ние апелиравме до Иницијативниот одбор, како долгорочна мерка, да бидат изградени откупни центри, како што е постоечкиот, со што би се ублажил проблемот“, рече Стевче Радевски, овоштар.

Министерството тврди дека ги зголемува субвенциите

Министерството за земјоделство реагираше на барањата на овоштарите со тврдење дека промените во мерките во новата Програма за директни плаќања, се направени по барање на производителите на јаболка. Укинувањето на субвенцијата за килограм предадени јаболка била направена со цел одржување овошни насади со јаболка. 

Оваа година финансиската поддршка за одржување на насади со јаболка се зголемува од 33.000 денари на 41.000 денари по хектар. Дополнително, сите овоштари од Преспанскиот Регион ќе добијат за 15 отсто повисока субвенција за подрачја со ограничени можности, или субвенцијата ќе биде зголемена од 50.000 на 57.500 денари по хектар, тврдат од Министерството.

Досега, со помош на интервентната субвенција откупени се 45.000 тони индустриско јаболка, односно се 30 отсто од вкупното производство. Во однос на исплатата на оваа интервентна субвенција, сите потврди кои се поднесени во системот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделство и рурален развој се прифатени.

Емилија Мисирлиевски