Илир Мета: Македонското малцинство е богатство за Албанија


Албанскиот претседател Илир Мета, кој денеска престојуваше меѓу Македонците во општина Пустец порача дека македонското малцинство е богатство за Албанија. Беше пречекан од заменик-градоначалник Андон Јани, членовите на Советот на општината Пустец и претставници на МАЕИ, предводени од генералниот секретар Васил Стерјовски, со кои се задржа во подолг разговор.

– Многу е значајно да го негувате вашиот идентитет. Јас сум посветен и понатаму да го промовирам македонското малциство, кое има прекрасни вредности и традиции. Македонското малцинство ќе биде постојано во моето внимание, изјави Мета по средбата.

Во врска со одбележувањето на значајни исторски личности и настани, Мета најави дека годинава, ќе биде и во знакот на оддавање почит на познатиот писател по потекло од овој крај Стерјо Спасе, „синот на македонската етничка заедница“ чија куќа во селото Глобочани, како што додаде, ќе биде реставрирана и претворена во музеј.

Според него, поради потешкотиите со кои се соочуваат жителите на оваа општина, посебно невработеноста на младите, треба заедничка ангажираност бидејќи општината е една од оние која располага со најмногу природни богатства и убавини. Мета ја посети црквата „Свети Архангел и Михаил“ каде запали свеќи за здравје, од каде го честиташе денешниот празник Свети Наум, како и божикните празници по што во дворот изигра и македонско оро заедно со жителите на Пустец.