Изјавата за реформите во правосудството била личен став на Караџовски

Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски преку соопштение објавено на веб-страницата на Советот посочува дека оценките изнесени на минатонеделната прес-конференција поврзани со реформите во правосудството, за СЈО и за анализата на АКМИС системот биле негов личен став.

– Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија ја известува јавноста дека ставовите изнесени на прес-конференцијата одржана на 4 јануари 2018 година, а кои не се однесуваат на работата на Судскиот совет на Република Македонија се негов личен став, стои во соопштението на веб-страницата на Советот.

Омекнувањето на ставовите на Караџовски доаѓа откако повеќе од половина членови на Советот изразија несогласување со него. По денешниот работен состанок Караџовски преку соопштение извести дека се што кажал на прес-конференцијата било негов личен став.

Караџовски на прес-конференција рече дека ќе се залага за подобрување на условите за работа за судиите и судските работници, за зголемување на нивните плати, бидејќи како што додаде, платите на судиите изминативе две години се на најниско ниво во Европа. Додаде дека очекува и зголемување на хонорарите за судиите-поротници за сто отсто.

Посочи дека во Судскиот совет го добиле извештајот на работната група при Министерстото за правда за проверка на АКМИС-системот во судовите и потенцира дека за Советот е дискутабилно дали извештајот треба да има назнака „строго доверливо“ и дали треба да се води под таа класификација. Прецизира дека на извештајот, што бил испратен од Министерството за правда во Судскиот совет било ставено обично ливче на кое со пенкало било напишано „строго доверливо“.

Судскиот совет, како што тогаш рече, нема се уште став за извештајот за АКМИС-системот, бидејќи сите членови на Советот немаат безбедносни сертификати за да го прочитаат. Додаде дека во извештајот нема конкретни примери со предмети и оти тој може да претставува само основа за подлабинска проверка на АКМИС системот.

На прашање како би го прокоментирал менувањето на распоредот на судиите во Врховниот суд, кој за само една година е сменет 11 пати, Караџоски упати на одговор за ова прашање кај претседателот на Врховен, Јово Вангеловски. Тој оцени дека Вангеловски постапил според ингеренциите што му ги дава законот.

Караџовски на прес-конференцијата го критикуваше изборот на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во Собранието и ги поздрави јавно изнесените критики од скопски адвокат, кој рече дека изборот бил незаконски со кршење на процедурата во Собранието. Во врска со работата на Специјалното јавно обвинителство нагласи дека смета оти СЈО како дел од Јавното обвинителство на Република Македонија треба да се внесе што поскоро, а не од 2019 година како што е предвидено.