Израел не го прифаќа рускиот извештај за соборениот авионот во Сирија

Израелската армија повтори дека акциите на нејзините авиони не се причина за соборување на рускиот авион Иљушин 20.

Израелската армија тврди дека нејзините авиони не го користеле руското летало како штит и оти биле во израелскиот воздушен простор кога бил соборен Иљушинот од страна на сириската противвоздушна одбрана.

– Безопасноста и здравјето на руските војници во Сирија се клучен елемент при секое одобрување на определена акција, дадено од високите офицери во израелската армија, се посочува во соопштението на изралската војска.

Претходно, Министерството за одбрана на Русија официјално го обвини Израел за соборување на рускиот воен авион над Сирија, истакнувајќи дека израелската армија е одговорна за „криминална немарност“.

– Претставените точни податоци укажуваат дека акциите на израелските борбени пилоти доведоа до загуба на животите на 15 руски војници, недостиг на професионализам и оти тоа беа акти на криминална немарност. Затоа веруваме дека вината за трагедијата на рускиот Иљушин 20 е исклучително на израелските воздухопловни сили и на тие кои донеле одлука да изведат таква акција, изјави генерал мајот Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Тој додаде и дека израелската армија „или не го почитува нивото на односи со Русија или нема контрола над индивидуалните команди или командните офицери“.

Во понеделникот вечерта сириската противвоздушна одбрана по грешка го погоди рускиот авион Иљушин 20, при што загинаа 15 руски војници. Инцидентот се случи по нападот на израелската воена авијација во близина на градот Латакија.

Израел за инцидентот ја обвини сириската безобзирност, но Амбасадата на Русија во Тел Авив на Твитер објави дека акциите на израелската воена авијација биле „неодговорни и непријателски“ и го изложиле рускиот авион на опасност.

Претходно, руското Министерство за одбрана наведе дека израелските авиони го користеле рускиот авион како штит.

Израелската армија тврди дека ја известила руската војска во согласност со Договорот за избегнување на ненамерни судири меѓу двете земји.

Во четвртокот израелска воена делегација допатува во Москва во обид да ги намали тензиите поради соборување на авионот.

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот изјави дека до соборувањето на авионот довеле „низа трагични случајни околности“, што во Израел беше оценето како ублажување на почетните оценки на Министерството за одбрана.