Измислените зборови на 11-годишната Ерато преточени во книга со илустрации


Графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула вчеравечер во преполна сала на Националната галерија Чифте Амам ја промовираше книгата „Гуш и бац“.

Станува збор за книга која е инспирирана од неговата 11 годишна ќерка Ерато, чија дијагноза е аутистичен спектар на нарушување.

Книгата содржи 47 зборови измислени од Ерато, а се преведени на 19 јазици. Зборовите се илустрирани со 47 илустрации создадени од 33 креативци.

Кардула вели дека идејата за книгата настанала по неговата објава на Фесјбук на едно зборче на Ерато „Граници не постојат” – „Кајм’пмп“. Реакцијата кај луѓето била одлична и сега се претвори во книга со 47 зборови.

Илустрациите ќе се продаваат, а средствата ќе бидат наменети за реедукација, односно работа со дефектолог и логопед на оние дечиња со аутизам кои не може да си го дозволат тоа.