Изложба во „Мала станица“: Плакатот во Националната галерија на Македонија

Вечерва во 20 часот во објектот Мала Станица ќе се отвори изложбата „Плакатот во Националната галерија на Македонија“.

-Во текот на седумдецениското постоење на оваа Национална установа, во годината кога го прославуваме овој значен јубилеј, горди сме што за првпат ги изложуваме плакатите кои биле дизајнирани по повод сите изложби низ повеќе децении, поточно опфаќаат период од петата деценија на минатиот век па до денес, велат од Галеријата.

Најстариот изложен плакат е од далечната 1955г. од изложбата на големиот Хенри Мур, одржана во Даутпашиниот амам, каде и е основана Уметничката галерија на Македонија со својата поставка, во далечната 1948 г. Преку оваа изложба на плакат се потсетуваме на низа ретроспективни претставувања на уметниците од основоположничката генерација, Личеноски, Мартиноски, Пандилов, Лазески, Димо Тодоровски, самостојни изложби на професорите од Факултетот за ликовна уметност, Мазев, Шемов, Хаџи Бошков…

Значајни за Националната Галерија се претставувањата на престижното Венециско Биенале на уметноста, каде сме изложувале повеќе пати, изработени се плакати кои можат да се погледнат на оваа изложба, потоа соработката со сродни институции од странство и со нашите центри во САД, Бугарија, градот Нирнберг и други.

Изложбата ќе ја отвори директорот на НГМ, д-р Дита Старова Ќерими. Одговорно лице на изложбата која ќе трае до 26 јули и организација е виш кустос Мај Крстевска.