Излезе монографијата „30 години поетска ноќ во Велестово“

Деновиве во издание на Поетска ноќ од Велестово и ПНВ Публикации-Скопје од печат излезе монографијата „30 години Поетска ноќ во Велестово“ со материјална поддршка на Општина Охрид.

Книгата за печат ја подготви Славе Ѓорѓо Димоски, основачот на манифестацијата. Покрај текстуалниот материјал, монографијата богато е илустрирана со фотаграфии кои хронолошки го претставуваат нејзиниот развој во изминатите три децении.

ако што е познато, манифестацијата претставува антологија на македонската поезија и сликарство. На неа во овие три децении беа претставени најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои: Јован Котески, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Богомил Ѓузел, Раде Силјан, Веле Смилевски, Ристо Василевски и др. до најмладите, а од сликарите би ги издвоиле: Вангел Наумовски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Боро Митриќески, Коле Манев, Сергеј Андреевски, Славко Упевче, Јордан Манасиевски, Стефан Хаџи-Николов, Никола Упевче, Емил Шулајкоски и др.

Исто така се претставија и други профили од светот на уметноста, како актери: Славко Нинов, Петар Темелковски, Томе Витанов, студенска група од класата на Владо Цветаноски, Варица Недевска, „Скрб и Утеха“, НАТГ Аматер–Охрид, музичари Владимир Четкар, Климент Тодоровски, Зоран Маџиров, „Старовски“. UNDONE и други.

Во Монографијата поместен е антологиски избор од досегашните претставени автори, а изборот и пригодниот текст го направи Санде Стојчевски.

Бидејќи манифестацијата има и меѓународен карактер претставен е избор на досегашните поети-странци кои зеле учество на манифестацијата, кои се од: Ирска, Норвешка, Русија, Италија, Албанија, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Естонија, Словачка и др., а две јубилејни изданија беа посвети на поновата македонска поезија (на 25 и 30 издание) и по тој повод ја објави книгата „Гласови на новиот век/ панорама на поновата македонска поезија“.