Изгореле документите за екстрадиција на Грујевски и Бошковски

МВР и Јавното обвинителство отворија истрага за да ја дознаат причината за пожарот.

Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство отворија истрага и работат на тоа да се дознаат причините за пожарот во зградата на Министерството за правда. Поради четирите канцеларии што беа зафатени од пожарот, Министерството за правда не работи и веднаш штом заврши експертизата од страна на МВР и Јавното Обвинителство, ќе се обелоденат причините поради кои избувна пожарот. Вчера портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, рече дека некои од канцелариите се целосно изгорени, но МВР допрва треба да ја утврди висината на направената штета.

„На четвртиот кат, каде што штетата е поголема, се наоѓаат документите за меѓународна правна помош, Одделението за меѓународна правна помош, дел од сметководството и дел од финансискиот сектор на Министерството за правда. Но, добро е, нема жртви ниту повредени лица. Брзата реакција на противпожарната екипа го спречи проширувањето на пожарот“, рече Бошњаковски.

Иако вчера од повеќе владини извори се тврдеше дека не настрадале важни документи, ТВ Телма објави дека се изгорени документи во архивата на Секторот за меѓунардона правна помош меѓи кои со сигурност била сместена и комплетната документација и преписките со Грција за екстрадицијата на бегалаците и поранешни тајни агенти Горан Грујевски и Никола Бошковски, обвинети од СЈО за прислушување и уништување опрема во УБК.

„Една од зафатените канцаларии е Секторот за меѓународна правна помош, заедно со дел од архивата. Не знаеме колку материјали се уништени, ниту кои документи. Во овие простори се работат и се чуваат и екстрадиционите предмети. За среќа, и да се уништени пишаните документи, тие дополнително се чуваат во електронска форма во компјутерскиот систем на Министерството“, изјавиле од оваа институција за Телма. Во овие канцаларии се воделе сите постапки поврзани со Интерпол, но предизвиканата штета засега се мери во простории и инвентар. (Б.И.)