Извршен редок хакерски напад во Франција

Хакери го нападнаа централниот интернет именик Икан, со кој обезбедија потенцијален пристап до сите видови на податоци, изјави денеска францускиот државен секретар задолжен за дигитална технологија Мунир Мажуби.

Икан е формиран во 1998 година и ги координира на меѓународно ниво уникатните идентификатори кои им овозможуваат на компјутерите низ светот да се идентификуваат едни со други, и токму оваа непрофитна организација самата го притисна копчето на аларамот.

– Она што хакерите успеаја да направат е нешто многу ретко. Тие го хакираа именикот и секој пат кога ја пишувате адресата на веб-страница, наместо да одите на вистинската машина, вие се конектирате на друг комјутер. Имате впечаток дека сте на веб страница, а всушност сте на машината од каде ве напаѓаат. Тие можат да ги соберат вашите податоци, тие можат да ги користат за повторно поврзување, за да земат пари, објасни државниот секретар за дигитална технологија Мажуби.

Тој притоа наведе дека не е во можност да каже во овој момент кој стои зад овие напади или она што хакерите го направиле со постигнатите конекции.

– Ова е предупредување, треба да се запрашаме, дали ова беше за да се покаже сила, за конкретни цели во одреден регион во светот. Ќе биде неопходно да се постави прашањето за тоа кој имал интерес, кој имал средства да ја мобилизира техниката за да го стори тоа, истакна Мажуби.

Државниот секретар не кажа дали нападите врз Икан можат да бидат неутрализирани или спречени.