Извештај на ЕЗ: Македонија на прво место во регионот во енергетски реформи

Во Извештајот за одржлив развој на Енергетска заедница посветен на земјите од Западен Балкан, Република Македонија е рангирана на прво место во регионот во однос на напредокот во исполнување на енергетските реформи, соопшти денеска Министерството за економија.

Како што укажуваат, Македонија има највисоки оценки на листата од шесте земји од Западен Балкан: Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора во областите енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, заштита на животната средина, транспарентноста и условите за инвестиции во областа на енергетиката.

– Благодарение на динамиката на енергетските реформи, Македонија оваа година е рангирана на прво место, а во Извештајот за одржлив развој на Европската енергетска заедница за месец јуни 2017 година, беше рангирана во групата на земји со значителна стагнација во однос на одржливите реформи во областа на енергетиката, потенцираат од ресорното Министерство.

Потсетуваат дека кон крајот на минатиот месец македонската Влада одобри нов закон за енергетика, предложен од Министерството за економија. Носењето на овој закон, укажуваат, главно, има економско влијание, бидејќи го означува крајот на монополот и доделувањето на правото на избор на потрошувачите, што значи дека  малите и средните претпријатија, како и домаќинствата ќе имаат право да изберат снабдувач на електрична енергија и природен гас.