Идентификуван убиецот на фудбалерот Јанушев, но бил во бегство

По двонеделна истрага, полицијата откри кој го убил 28-годишниот Мартин Јанушев, кој беше застрелан пред неговиот дом во скопската населба Аеродром. Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, станува збор за лице со иницијали Ф.С., кој е во бегство и против кого е поднесена кривична пријава, односно распишана е и потерница. Спасовски денеска соопшти дека досегашните сознанија демантираат дека станува збор за нарачано убиство. Од МВР тврдат дека имаат индиции каде се наоѓа осомничениот.

Фудбалерот Мартин Јанушев беше застрелан околу 18 часот на 3 ноември. Усмртен беше со неколку истрели во главата. Блиските на момчето се вработени во МВР, па низ чаршијата се слушаа разни гласишта околу мотивот за злосторството.

Дел од медиумите во меѓувреме објавија дека зад убиството на Јанушев стои 23- годишниот Филип Секуловски, кој извршувал шестгодишна казна затвор за трговија и поседување дрога. Секуловски, викендот кога беше извршено убиството бил пуштен на слободен викенд, но не се вратил в затвор. Управата за санкции тогаш потврди дека Секуловски не се вратил од слободен викенд.

Јанушев играл за клубовите Маџари Солидарност, 11 Октомври и Локомотива.