Играше финале во ЛШ со Арсенал, сега размислува на самоубиство

Беше репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска, играше за Галатасарај, со Арсенал има и финале во Лигата на шампиони, но денеска на приватен план нема ништо. Ова се однесува на Емануел Ебуе, кој во периодот од 2004 година до 2011 година настапи во 235 меча за „топчиите“ како стандарден во составот на Арсен Венгер.
Во тие години поседуваше сѐ што може да посака и за што може да сонува секое африканско момче. Кариера на која многумина завидуваа, талент што упатуваше на блескава иднина, голема слава, многу пари.

Сè се смени по разводот со сопругата Аурелија, која му однесе сѐ што имаше. Моментно поседува голема куќа од која ќе мора да се отсели и картички за метрото во Лондон што е единствено превозно средство. Покрај тоа, ги загуби и дедото кој го одгледа и брат му кој го загуби животот во сообраќајна несреќа.

„Сакам Господ да ми помогне. Само тој може да ме одврати од мислите за самоубиство. Ме боли што не ги гледам децата, сега не смеам ниту да се слушам со нив. Ме боли што останав без нив“, изјави меѓу другото Ебуе за „Сандеј мирор“.

Последните години ги мина во Галатасарај за два милиона евра по сезона. Финансиски одличен договор имаше и во Арсенал, но сето тоа пламна поради што западна во тешка психолошка состојба. Од глад буквално го спаси Ломана Луа Луа, поранешен напаѓач на Њукасл и на Портсмут, а Ебуе често преспива на под кај пријателка.

„Сите работи ги спакував во вреќички и чекам да ме истераат од дома. Немам пари ниту за адвокат да можам да спасам кров над глава. Некогаш седам во темница во куќата бидејќи не сакам да знаат дека сум во неа. Напорно работев во животот да заработам, меѓутоа сега имам голем страв“, додава фудбалерот од Брегот на Слоновата Коска, кој се надева на некаква работа во Арсенал за финансиско закрепнување.

Ебуе, како што и самиот вели, сите правни работи ги препуштил на неговата сопруга и ставал потпис на сѐ што се барало од него без да знае што потпишува.