Игор Џамбазов: Подобро да издадам книга, отколку да ја издадам државата

“Улица диши длабоко”, седмата книга на актерот и шоумен Игор Џамбазов беше промовирана синоќа во Скопје, пред многу пријатели на авторот. Седумдесет негови песни и хитови кои ги напишал за други пејачи се дел од оваа стихозбирка. Песните се надополнети со анегдоти.

“Сите мои драги луѓе се тука, освен за оние за кои ги напишав стиховите. Калиопи е некаде во Хрватска, Каролина е на свадбено патување, Пере е во Барселона, Тамара во Гевгелија, а Ребека е дома” , рече Игор.

Книгата, што ја издаде „Три“ тој му ја посвети на својот татко, маестро Александар Џамбазов.

„Некаде во моите рани тинејџерски години, татко ми, големиот ’маестро‘ Џамбазов, тогаш сè уште активен како композитор и аранжер, постојано учествуваше на конкурсите за големите фестивали, кои во тоа време ги имаше во секој поголем град од тогашната федерација, и сè повеќе имаше потреба од добри текстови за своите композиции. А текстописци имаше сè помалку и помалку. И еден ден… реши да ми даде шанса. А јас… не ја пропуштив,изјави синоќа Игор кој се пошегува дека е подобро да издаде книга, отколку да ја издаде државата.

Оттогаш наваму напишал илјадници стихови. За сè и сешто. За детски композиции, театарски сонгови, стихови за колегите-актери, за рекламни кампањи, радио­реклами, новогодишни претстави, текстови за ’народњаци‘, рокери, текстовите за сонговите од легендарната претстава ’Женски оркестар‘, а во последните дваесет и пет години стихови за неговите песни, за неговиот блуз-бенд, како и за најголемите поп-пејачи и групи на нашево музичко небо. За ’Нокаут‘, Тамара, Тијана, Каролина, Ребека, Калиопи, Елена, но и за многу млади и сè уште неафирмирани пејачи.

-Пријателе мој, во оваа книга ќе најдеш стихови кои навистина успеале да опстанат во ова време во кое инвазијата од кичот и шундот достигна кулминација. Ќе најдеш ’хитови‘ кои публиката и денес ги пее наизуст на моите концерти, но ќе најдеш и за тебе наполно непознати текстови кои се нашле тука само затоа што ми се мене посебно драги. На крајот ќе најдеш и некои стихови кои јас нескромно ги сместувам во графата – ’поезија‘, ќе изјави Џамбазов.

Кога почнал да ја подготвува оваа книга сфатил дека повеќето од насловите на неговите песни личат на улични графити.

Затоа и ја нареков книгата вака –’Улица Диши длабоко‘“, објаснува Игор Џамбазов. (Л.С.)