ИВЗ ќе се расчистува со Владата по изборите

Исламската верска заедница реши да ја смири топката по преписката со Владата за бавната и дискриминаторска денационализација на имотите, односно по заканите дека ќе ја кодоши меѓу верниците во своите 700 џамии во земјава.

Од ИВЗ велат дека не сакаат да влезат во политичка кампања, поради што следните чекори ќе ги влечат по завршувањето на изборите во мај.

Во ИВЗ и натаму се убедени дека нивните аргументи се издржани и тврдат оти стотици барања за враќање имот што им бил национализиран по Втората светска војна се држат во фиоките.

„Имотот околу МВР, универзитетскиот комплекс „Св Кирил и Методиј“, Националната библиотека, судовите 1 и 2, делови во Старата чаршија и голем број други атрактивни плацови се оставина на ИВЗ, а не можеме да ја истераме правдата до крај, Иако постапката е почната уште во 1998 година“, тврдат во ИВЗ.

Тие имаат вкупно 350 барања за денационализација или над 4 милиони квадратни метри во земјиште и 42 илјади квадратни метри во објекти.

Во врска со инспекциите што Управата за јавни приходи ги врши во ИВЗ, оттаму смирено одговараат дека согласно Законот за верски заедници тие не се даночни обврзници и не се должни да даваат извештаи за своето работење.

Г.А.