Иванов: Целиот процес наликува на личен договор меѓу Заев и Ципрас

Претседателот Ѓорге Иванов го прими денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров, при што разговарале за последните случувања околу преговорите меѓу Македонија и Грција околу името.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, Димитров усно го информирал шефот на државата за последните случувања поврзани со разговорите за прашањето за разликата околу името, без притоа да приложи каков било писмен документ.

Претседателот Иванов, се додава во соопштението на средбата истакнал дека непридржувајќи се кон законските одредби за склучување меѓународни договори, целиот процес наликува на личен договор меѓу двајцата премиери.

– Целиот процес наликува на личен договор меѓу премиерот Заев и премиерот Ципрас, за што нема обезбедено национален консензус во Република Македонија. Мојот став е дека не прифаќам решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес, изјави македонскиот претседател на средбата.

Иванов потенцирал дека склучување меѓународен договор треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена.