Иванов од Њујорк ќе го бојкотира референдумот?

Претседателот Ѓорѓе Иванов годинава ќе ја преставува Македонија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Информацијата ја потврдија од неговиот кабинет, појаснувајќи дека неговото учество е резултат на договорениот „систем за ротација“, според кој една година оди премиерот а друга шефот на државата. Минатата година во Њујорк беше премиерот Зоран Заев.
Според информацијата од кај Иванов, тој ќе има обраќање пред Генералното собрание на 27 септември, односно три дена пред референдумот за Договорот со Грција кој ќе ја реши иднината на Македонија во НАТО. Ова ќе биде последно обраќање на Иванов во ОН, каде што изминатите години главно го бранеше името и идентитетот на Македонија, или „удираше“ по ЕУ и САД, така што ова му дава можност од највисока говорница да води кампања против Договорот за името со Грција,бидејќи го смета за антиуставен.
До кога Иванов ќе остане во САД и дали ќе се врати во земјата за да гласа на референдумот или пак ќе го искористи престојот во Њујорк да го бојкотира, засега нема информација. Она што се знае е дека веќе има договорено средби со македонските иселеници и организациите таму што водат активна кампања против договорот со Грција и референдумот.