Иванов може да биде дома на 30 септември


Претседателот Ѓорге Иванов, најверојатно, нема да може да го избегне генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој денеска доаѓа во нова посета на Скопје. Иако пред дваесетина дена избегна средба со највисокиот генерал на САД во Европа, Куртис Скапароти, со образложение дека бил на одмор, а претходно не се сретна ниту со директорот за европски и глобални партнерства на НАТО, Џејмс Мекеј, шефот на државата овој пат е вклучен во агендата на генералниот секретар на НАТО, кој доаѓа во земјава два месеци по добивањето на поканата за членство.

Иванов се виде со Столтенберг и при неговата претходна посета на Скопје – во јануари годинава и тоа беше негова последна средба со претставник на НАТО. Нивната нова средба сега ќе се реализира во сосема нови околности, со оглед на тоа што македонската влада во меѓувреме постигна договор со Грција за надминување на проблемот со името, што ни донесе покана за членство во НАТО – чин од стратегиско значење за кој Иванов не се огласи со никаков коментар, освен што го блокираше стапувањето во сила на документот од Преспа.

Македонскиот претседател не се огласи во јавноста ниту по распишувањето на референдумот за името и за членството во НАТО и во ЕУ. Сепак, последните неофицијални информации се дека не е исклучено Иванов да ја смени првичната намера и на 30 септември да биде во Македонија, независно од тоа дали ќе учествува или ќе го бојкотира референдумот.

Од претседателскиот кабинет вчера не добивме одговор дали шефот на државата останува на намерата да ја продолжи својата посета на САД до последниот ден од септември или има шанси да се врати порано во земјава, со оглед на тоа што неговите обврски во врска со учеството на Генералното собрание на ОН завршуваат на 28 овој месец. Според тоа, тој има време да пристигне дома на клучниот политички датум – кога ќе се решава за иднината на интеграциските процеси на земјава, како и за понатамошните односи меѓу Македонија и Грција.

Според проценките во политички кругови, можно е Иванов да се премисли по средбата со Столтенберг и, сепак, да ја скрати посетата на САД, каде што во неговата агенда беа предвидени средби и разговори со дијаспората. Познавачи на состојбите сметаат дека е неодговорно и неумесно шефот на државата и врховен командант да не биде дома во деликатни политички околности, со оглед на тоа што на референдумот ќе се одлучува за прашање од стратегиско значење за земјава околу кое владее и извесна поделеност кај политичките елити и меѓу граѓаните.

Од кабинетот на Иванов вчера не добивме одговор дали тој ќе се сретне со Столтенберг, со оглед на тоа што во минатото во неколку наврати не беше „тука“ при посетата на високи меѓународни претставници. Исто така, од кабинетот нема информација дали името на Иванов фигурира во агендите на претстојните посети на земјава на австрискиот премиер Себастијан Курц и на германската премиерка Ангела Меркел.

Дипломатската офанзива што се одигрува во Македонија пред референдумот се толкува како јасна поддршка од меѓународната заедница за договорот меѓу Македонија и Грција и за забрзување на евроатлантските перспективи на земјава. Тоа се очекува да влијае и на расположението на граѓаните на 30 септември.

– Доаѓањето на тројца светски државници е признание за Македонија, позитивен сигнал. Тие ни подаваат рака за да одиме напред – оцени вчера премиерот Зоран Заев.

Силната дипломатска логистика, според проценките, влијаеше и на ставот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кое очигледно се откажува од варијантата за бојкот. Засега, од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ единствено пратеникот и поранешен шеф на дипломатијата Антонио Милошоски отворено се заложи за бојкот на референдумот. Сега останува да се види дали и Иванов ќе се реши на бојкот, со образложение дека за време на референдумот не бил во земјава, или, како што неофицијално се навестува, ќе се премисли и на 30 септември ќе биде во Скопје, независно од тоа дали ќе излезе да гласа или ќе апстинира.

Александра М. Митевска