Иванов: Го освежуваме водството на АРМ пред претстојните процеси

Последните промени во генералскиот кор на Армијата на Република Македонија се должат на пензионирање на дел од командниот армиски кадар како и на освежување на военото водство. Минатата недела и вчера се случија пет рокади.

Примопредавања на должноста командант на Полкот за специјални операции се изврши помеѓу бригадниот генерал Методи Хаџи Јанев и досегашниот командант бригаден генерал Орце Јордев, кој го замени генерал мајор Азим Нуредин на местото началник на штаб во Здружената оперативна команда (ЗОК). Генералот Нуредин, пак, ја прими должноста заменик на Началникот на ГШ на АРМ од генерал мајор Мухамет Рацај.

Вчера се реализираше и примопредавање на должноста командант на ЗОК помеѓу новопоставениот бригаден генерал Павле Арсоски и досегашниот, генерал мајор Зоран Милески, кој ќе ја прими должноста директор на ГШ на АРМ од генерал мајор Димче Петровски.

Од Кабинетот на преседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов соопштија дека промените во генералскиот кор на АРМ се редовни и планирани активности, а следуваат поради пензионирање на дел од командниот кадар, информираше МИА.

„Новите поставувања имаат за цел да го освежат военото водство и да ги динамизираат целокупните процеси во АРМ и да дадат поддршка на целокупните напори во евро-атлантските интегративни процеси. Од разрешените генерали се очекува со своето искуство да дадат целосна поддршка во претстојните значајни процеси за одбраната на Република Македонија“, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот.

Иванов очекува вооружените сили и понатаму да бидат значаен двигател и адут на политичкото водство на патот кон целосната интеграција на Република Македонија во евро-атлантските структури.

На прашањето дали министерката Радмила Шекеринска е консултрана за овие промени во АРМ, од Министерството за одбрана  одговорија дека во текот на разговорите околу Стратегискиот одбранбен преглед станало збор и за тоа прашање.

„Добро е кога има координација за крупните прашања во одбраната и Армијата, како во поглед на реформите, така и во поглед на кадровските решенија“, стои во одговорот на МО за МИА.

Од АРМ велат дека распоредувањето генерали на нови должности или предавање на досегашните високи позиции во Армијата со последните Укази се дел од војничката професија.

„Да се достигне до генералски чин и да се извршуваат највисоките должности во Армијата на Република Македонија за секој офицер на почетокот на својата професионална кариера претставуваат желба водилка која преку постојано натпреварување во постигнување на повисоки резултати и вградување во единиците, цели кон она кое го имаат постигнато генералите кои ги извршувале највисоките должности во АРМ, како генералите Мухамет Рацај и Димче Петровски“, нагласуваат од АРМ.

Според припадниците на Армијата, да се биде во служба на татковината најголемиот дел од својот животен век навистина претставува едно чувство на исполнетост, затоа што беспрекорното следење на кодексот на највисоките морални вредности е благородна задача која е исполнета со безброј предизвици и лични пожртвувања.

Извршувањето на работните задачи во не секогаш мирни времиња, понекогаш повеќе или помалку турболентни, е токму тоа за кое од АРМ сметаат дека  генералите треба да бидат почитувани од сите припадници на АРМ и од граѓаните на Република Македонија. Целокупниот овој 26-годишен период на постоење на АРМ беше исполнет со повеќе трансформации кои вклучително и тековната се со задача исполнување на зацртаната стратешка цел на Република Македонија за членство во евроатланските интеграции од кои сите граѓани на Република Македонија ќе го имаат бенефитот.