Зошто ќе го бојкотирам референдумот
Во средата Уставниот суд, очекувано, политички ѝ пресуди на иницијативата за поништување на одлуката за референдумот како неуставна. Срам да те фати со какви „аргументи“ ја отфрлија иницијативата. Уставните судии не земаат народни пари за да одлучуваат по политички напатствија, туку за да обезбедат уставност и законитост на актите. Но, за волја на објективноста, веројатно притисокот врз кој беа изложени од страна на власта беше огромен. Па си го свиткаа ‘рбетот. Без разлика што со тоа и тие го девалвираа Уставот, чии прекршувања во последниот период, и од Собранието и од претседателот на РМ, од него направија самопослуга од која си земаш она што го сакаш и го игнорираш она што не ти се допаѓа.
Бидејќи ова е моја последна колумна пред референдумот, сакам да ги споделам моите аргументи зошто нема да гласам на референдумот. Ќе го бојкотирам референдумот поради следните три причини: го направија референдумот консултативен, прашањето е манипулативно и власта не остави впечаток дека е подготвена да дозволи опцијата „против“ да победи ако има повеќе гласови за неа.
Тоа што референдумот е консултативен само по себе претставува негово обезвреднување. Кога ги слушам полтроните на власта како повикуваат да се излезе на референдумот, зашто тој бил највисока форма на демократија, не можам да не помислам колку е тоа лицемерно. Ами, ако толку високо го вреднувате референдумот како демократска институција, зошто не го направивте референдумот задолжителен? Ах, да, на таков начин сакавте да „заобиколите“ некои уставни одредби и полесно да го спроведете она што го наумивте. Но, што кажува тоа за вас, за вашиот однос кон Уставот, кон институцијата референдум, кон самите граѓани? За прашање кое за многумина е исклучително важно, вие, во систем кој треба да биде демократски, им го одзедовте правото на граѓаните да одлучуваат и нивниот став го сведовте на незадолжителна консултација.
Вашите манипулативни намери станаа многу јасни кога референдумското прашање го направивте тросмислено. Се гласа за договорот Заев-Ципрас, за влез во НАТО или за влез во ЕУ? Иако ви беше посочено дека референдумското прашање како повеќесмислено е спротивно на демократските стандарди на организирање референдум, вие останавте глуви пред аргументите. Зашто вашата намера од самиот почеток беше да манипулирате, а не да овозможите слободно изразување на волјата на граѓаните. Дека манипулацијата е ваша мисла водилка уште појасно се гледа од вашата кампања. Целата пропаганда ја насочивте како да станува збор за референдум за влез во ЕУ. За да биде така, требаше претходно да има покана од ЕУ до Македонија и гаранција дека, во случај да помине референдумот, (Северна) Македонија ќе стане членка на ЕУ. Но таа покана ја нема. Ја нема ниту задолжителноста на референдумот, што е уставен услов за валиден референдум за ЕУ. Оттука, спомнувањето на ЕУ во референдумското прашање претставува евтин обид за замајување на гладниот народ кого сакате да го прелажете преку „златното“ Гебелсово правило дека стопати повторената лага станува вистина.
Манипулативното референдумско прашање и правењето на референдумот консултативен за да се избегнат уставните „стеги“ веќе претставуваат силни индикации дека власта нема да дозволи референдумот да не помине. Тој впечаток дополнително се засили по несмасните изјави на Заев, набрзо по потпишувањето на договорот со Ципрас, дека тој не сакал ниту да помисли за опцијата референдумот да не помине. Како тоа? Така постапува еден премиер кој има почит кон демократскиот процес на одлучување? Без разлика колку и да е некој убеден во победата на својата позиција, особено кога е на власт, мора да креира атмосфера на доверба кај граѓаните дека нивниот глас ќе биде уважен. Наместо тоа, се создаде убеденост дека од нас бараат да учествуваме како статисти во циркусот во нивна режија, а чија единствена цел е да се обезбеди привид на демократичност на процесот кој вазалите на власт го вршат по напатствијата од својот империјален господар. Оттука, позицијата на секој што поседува достоинство и самопочит е да одбие да учествува во пародијата со демократијата која ја планираат. Подготвени се и да го лажираат референдумот, ако нема доволна излезеност. Штом е така, зошто да им ја олеснуваме работата? Нека си го покажат вистинското лице, секој да го види!
Ако власта обезбедеше услови за демократски референдум, тогаш ќе излезев на гласање и ќе гласав против. Така ќе гласав поради следните три причини:
Прво, договорот Заев-Ципрас нема да го намали национализмот во Македонија и Грција, туку ќе го разгори. Во Македонија многумина ќе го третираат спроведувањето на договорот како повреда на нивното човеково право на самоопределување, а дел од нив ќе паднат жртви на националистичката пропаганда. Се забележува дека властодршците имаат зелено светло од нивниот империјален господар преку репресија да се справат со радикалната десница. Но, тоа никогаш не е трајно решение за справување со национализмот. Покрај тоа, премногу лесно се заборава дека справувањето со политичкиот противник преку репресивни методи не може да нема негативни последици по демократијата.
Второ, договорот Заев-Ципрас има единствена цел да ја напика Македонија во НАТО, согласно геостратегиските интереси на САД. Македонија е задолжена земја, со здравство на кое му треба итно санирање, со пензиски систем кој се одржува преку трансфер на големи буџетски средства. Во таков контекст, трошоците за „одбрана“ што Македонија ќе мора дополнително да ги издвојува од буџетот како членка на НАТО ќе значат наше дополнително осиромашување. Зголемениот прилив на странски инвестиции со кој мавта пропагандата буквално е приказна за мали деца. Огромните привилегии што им ги даде Груевски на странските инвеститори не ги привлече во поголем број, зачленувањето во НАТО ќе ги привлекло. Буквално – приказна за мали деца.
Третата и најважната причина за спротивставување ми е инсталирањето на класична вазалска власт во Македонија. Бидејќи Заев успешно ќе ја заврши задачата што му ја даде империјалниот наредбодавец, по секоја цена да ја напика Македонија во НАТО, тој ќе добие бланко-чек да ја врши власта по свое наоѓање. Ќе се крши демократијата. „Западните демократии“ ќе молчат. Ќе се кршат човековите права. Демократски избори и смена на власта на избори – нема да има. Империјалните господари во никоја вазалска земја не ги менуваат вазалите кои добро им служат. А ние ќе бидеме тие што ќе ја плаќаме цената.
Знам дека многумина, фактички огромниот дел од граѓаните во нашата земја повеќе сакаат да слушаат убави лаги отколку да бидат свесни за грдата стварност. Убаво звучи дека ќе сме се зачленеле во ЕУ, дека ќе ни пораснел животниот стандард, дека ќе се подобрела безбедноста. Убаво звучи, но тоа не е она што ќе следи. Жалам, но ние паднавме на ова дереџе меѓу другото зашто повеќе ги сакаме убавите лаги од осознавањето на грдата стварност. Ако гладната кокошка сонува просо, тоа воопшто не значи дека таа и ќе се најаде просо. Треба да се размисли околу тоа, ако не сакаме манипулаторите одново и одново да нè лажат, а ние дури отпосле, кога веќе ќе биде ирелевантно, да сфаќаме колку евтино сме дозволиле да бидеме прелажани. Затоа, да покажеме дека не пиеме мастило! 30 септември ќе биде црн ден за македонската демократија. Не бидете и вие учесник во нејзиното погребување.
Здравко Савески