Златен глобус 2018: Актерките во црно во знак на протест против сексуалното малтретирање во Холивуд

САД – Роуз Мекгоуан не се согласува со веста дека многу познати актерки планираат да носат црна облека на наградите „Златен Глобус“  на 7 јануари во знак на протест против сексуалното малтретирање во Холивуд. 44-годишната Мекгоуан вчера се огласи против „тивкиот протест“ и жените кои земаат учество во него и кои наводно работеле во минатото со понижениот продуцент Харви Вајнстин – особено повикувајќи ја Мерил Стрип.
„Актерки како Мерил Стрип, која со задоволство работела со „Монструозната свиња“, ќе носат црна облека на наградите „Златен Глобус“ во знак на протест,“ напиша таа на Твитер, мислејќи на Вајнстин.
„Вашата тишина е проблемот“, продолжи Мекгоуан. „Ќе добиете лажна награда без ништо да направите и без да направите некаква вистинска промена. Го презирам вашето лицемерие. Можеби сите вие треба да носите „Марчеза,“ додаде таа, реферирајќи на модната линија на Џорџина Чапман, поранешната жена на Вајнстин.
Сѐ уште не е потврдено дали Стрип, која е номинирана за нејзината улога во филмот  “The Post”, ќе биде меѓу актерките кои ќе носат црно.
Кога ја запрашаа медиумите дали и таа ќе учествува во протестот на манифестацијата, 68-годишната глумица одговори: „Не знам. Нема да ви кажам. Ќе се вклучите да проверите, така?“
Овој октомври, Стрип беше меѓу првите актерки која јавно проговори против озлогласениот продуцент.
„Шокантните вести за Харви Вајнстин нѐ вознемири и згади сите нас кои имаме работено со него и сите оние кои добиле поддршка од него за добри и вредни каузи,“ рече Стрип во нејзината изјава. „Жените кои се огласија против него и ги открија неговите злодела се наши херои.“
„Една работа мора да биде јасна. Не знаеја сите за ова. Харви борбено ја поддржуваше работата, беше агресивен, но со голема почит кон мене во нашата соработка, како и со многу други со кои професионално соработуваше,“ додаде таа. „Не знаев за овие други негови постапки – не знаев за неговите финансиски посредувања со актерки и колеги, не знаев дека одржува средби во неговите хотелски соби, во тоалетите, или за било какви негови непристојни, насилни дела.“
„Ова однесување никако не се оправдува, но искористувањето на моќта е веќе познато,“ продолжи таа. „Секој храбар глас кој се крена против него и е слушнат и забележан од нашите медиуми ќе ја сменат играта засекогаш.“
Околу 80 жени го обвинија 65-годишниот Вајнстин за сексуален напад и малтретирање откако весниците Њујорк Тајмс и Њујоркер направија истражување на децении на наводно сексуално злоставување и сексуални напади во октомври, кое вклучува голем број на детални статии од жени. Мекгоуан беше меѓу првите жени која се огласи, обвинувајќи го продуцентот за силување.