Зимските служби на Центар и Аеродром ги чистат сопствените улици од снег

Општинските зимски служби на Центар и Аеродром веќе неколку часа се на терен. Со сопствени возила и друга механизација ги расчистуваат општинските улици од снегот кој непрекинато паѓа речиси цел ден.

Од Центар информираат дека досега исчистиле дел од улиците на Водно, односно исчистени се „Загребска“, „Ганчо Хаџи Панѕов“, „Караорман“, „Капиштец“ и „Питу Гули“. Сега се чистат улиците на Долно Водно и Водно.

„Се чисти со три машини и до сега се фрлени 2 тони сол. Службите ќе работат во текот на ноќта, а жителите на општина Центар можат да се јават на телефон 076 313 381 за да пријават доколку има проблем со снегот“, велат од Центар.

Во Аеродром, општинската зимска служба на терен е со две општински возила. Акцијата почнала со патот Горно-Долно Лисиче, продолжила во регионот на улиците „Тодор Чангов“ и „Ѓорѓи Капчев“ , како и на улиците околу поликлиниката „Јане Сандански“, градинките и училиштата.
„Во текот на вечерта ќе бидат опфатени и останатите улици и паркинзи на територијата на Општина Аеродром“, информираат општинарите.