Земјотресот во Кукуш оштети објекти во Дојран

Земјотресот со интензитет од 4,7 степени според Рихтеровата скала со епицентар на 25 километри од северозападно од грчкиот град Кукуш, кој изутрината во 5:24 часот беше почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија, предизвика мали оштетувања на дел од објекти во Стар и Нов Дојран.

Жители изјавија дека забележани се мали изронувања на малтерот од куќите и напукување на ѕидовите од постарите куќи и други објекти.

Според градоначалникот на Стар Дојран, Анго Ангов, жителите не пријавиле штети предизвикани од земјотресот.

И во струмичко Ново Село, кое географски е многу блиску до епицентарот на земјотресот, нема оштетувања на објекти.

Во Дојран земјотресот бил со јачина од VI до VII степени според Европската макросеизмичка скала, во Гевгелија, Валандово и Струмица – VI степени, а во Кавадарци, Радовиш, Берово – V степени, информираат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Земјотресот бил почувствуван и во Бугарија, во областа на градот Петрич.

Синоќа се регистрирани серија земјотреси кои потекнуваат од граничниот регион меѓу Дојран и Кукуш, а најсилниот се случил изутрината.